ДОМИНАНТНА МАКЕДОНИЈА: Лекција по ракомет за бледата Естонија

Македонија забележа убедлива победа на гостувањето против Естонија (17-36) во претпоследното коло од квалификациите за ЕП 2026, исход што ја носи нашата репрезентација чекор поблиску до билет за претстојниот континентален собир. „Црвено-жолтите“ одиграа перфектен меч во кој колективот беше пред секој поединец, доминираа на теренот и во нападот и во одбраната, па конечниот исход е апсолутно заслужен.

Никола Митревски со две одбрани во првите две минути го трасираше патот кон победата. Отворивме со 0-2, потоа и со 2-4, а по двете брзи исклучувања на Естонците набрзина преку Кузмановски и Лазаревски стигнавме и до 2-6. Цврстата одбрана беше наш заштитен знак, Естонија цели девет минути немаше гол, а Македонија експресно поведе со 2-7. Нашите пивоти им создаваа големи проблеми на Естонците, па така Лазаревски, Маркоски и Пешевски со леснотија го наоѓаа патот до мрежата, позитивата растеше од минута во минута, а преку Атанасијевиќ стигнавме и до првото двоцифрено водство (5-15). Победата беше практично осигурана, па концентрацијата во одбраната во финишот од полувремето малку опадна, Естонците постигнаа неколку погодоци и на одмор заминавме со „плус девет“ (10-19).

Супериорноста на Македонија продолжи и на самиот старт од второто полувреме, кога по нашето водство од 11-23 следеше експресен тајмаут од естонскиот селектор. Мартин Томовски застана на голот на Македонија и набрзина собра три одлични интервенции, помагајќи да поведеме со 13-27. Шоуто на македонскиот голман продолжи со нови две интервенции во ситуација кога имавме двајца играчи помалку на теренот, a Серафимов беше прецизен на спротивната страна за наша предност од 14-28.

Остатокот од мечот беше само рутина за нашите ракометари, меѓу стрелците се запиша и младиот Дамјан Митев, а убедливото водство беше рутински задржано, дури и зголемено до конечните 17-36.

Томовски имаше 13 интервенции во второто полувреме, Никола Митревски собра седум успешни одбрани, додека најефикасни во нападот на македонскиот национален тим беа Кузмановски со шест, пред Серафимов со пет и Лазаревски со четири погодоци.

Останува в недела против Литванија во „Јане Сандански“ во Скопје да бркаме победа од два гола, со што ќе имаме загарантирано второ место во групата и билет за ЕП 2026. Со игра како оваа денеска, тоа не би требало да биде доведено во прашање.

Се вчитува...