Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен со триумф на патеката Марина беј во трката за Големата награда на Симгапур, го заврши одличниот викенд.
Ферстапен прво триумфира во спринт трката, потоа ја освои пол-позицијата во квалификациите, а денеска со одлично возење триумфира и на главната трка.
Ова беше прв триумф на возачот на Ред Бул на патеката „Марина беј“ и сега има барем по еден триумф на сите патеки во Ф1 календарот, освен на „Мадринг“ кој годинава за првпат се возеше.
Ова е втора победа по ред на Ферстапен во годинешниот Формула 1 шампионат, но предозна се „разбуди“ бидејќи титулата веќе му се насмевнува на возачот на Мерцедес, Кими Антонели.
Второто место го освои возачот на Ферари, Шарл Леклер кој задоцни седум и пол секунди зад Ферстапен, а последното место на победничкиот пиедестал му припадна на Антонели чие задоцнување изнесуваше 17 секунди.
Возачот на Мерцедес, во битката за победничкиот пиедестал беше подобар од Луис Хамилтон од Ферари и од актуелниот шампион Ландо Норис кои завршија на четвртото и петтото место.
Главниот конкурент за титулата на Антонели, неговиот клупски колега, Џорџ Расел трката ја заврши како деветти и сега на шест трки до крајот на сезоната, предноста на младиот Италијанец изнесува повеќе од 100 поени.
Трката на патеката „Марина беј“ не донесе многу возбудувања бидејќи Ферстапен не го испушти водството од стартот до последниот круг, иако двапати излегуваше возилото за безбедност.
Промената се случи за време на второто излегување на безбедносното возило кога Леклер и Антонели влегоа во боксот за да ги заменат пневматиците, а тоа го искористи Хамилтон да дојде до второто место. Сепак, во последните десетина кругови Антонели успеа од петтото да дојде до третото место откако прво го претекна Норис, а потоа и Хамилтон.
Следната трка во Формула 1 шампионатот ќе се вози за Големата награда на САД во Остин од 23-ти до 25 октомври.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
