Дончиќ почна фуриозно, но потфрли кога беше најважно

Далас загуби на домашен терен од Кливленд со 110-113, меч на кој фановите имаа можност да ги видат „двете лица“ на Лука Дончиќ. Словенецот тргна фуриозно, уфрли 29 поени во првото полувреме, неговиот тим имаше и 20 поени предност и делуваше сигурно на патот на победата. Сепак, Кливленд ја промени одбраната во второто полувреме и со тоа го исфрли од ритам Дончиќ, кој влезе во серија грешки и промашувања, позитивата на неговиот тим се истопи, па Кливленд и без помошта на неколку стандардни играчи стигна до победата. Лука го заврши натпреварот со 39 поени, 7 скока и 6 асистенции, додека најефиксни во победничкиот тим беа Леверт со 29 поени и Ален, кој имаше импресивен дабл-дабл од 24 поени и 23 скокови.

Филаделфија и без помошта на Џоел Ембид стигна до рутински триумф на гостувањето против Орландо со 92-112. Во отсуство на актуелниот МВП на лигата, Филаделфија одигра одличен колективен меч, а најефикасни беа Макси со 23 и Мелтон и Харис со по 22 постигнати поени.

Милвоки со извонредна офанзивна партија славеше во Бруклин со 122-142, меч во кој очекувано во главна улога беше Адетокумбо со 32 поени, 10 скока и осум асистенции.

Кевин Дурант оствари трипл-дабл од 27 поени, 10 скока и 16 асистенции во триумфот на Феникс на гостувањето против Хјустон од 113-129.

Резултати НБА:

Орландо – Филаделфија 92-112, Вашингтон – Торонто 102-132, Бруклин – Милвоки 122-142, Хјустон – Феникс 113-129, Оклахома – Њујорк 129-120, Далас – Кливленд 110-113.

Се вчитува...