Дончиќ приреди спектакл во Љубљана на мечот против Хрватска

Репрезентациите на Словенија и Хрватска одиграа одличен пријателски натпревар како вовед за квалификациските турнири за ЛОИ во Токио, меч во кој на победа од 97-88 во Љубљана се радуваа Словенците. Навивачите во преполната арена „Стожице“ приредија одлична атмосфера, а можеа на паркетот да го видат и фантастичниот Лука Дончиќ.

Словенците продобро го започнаа натпреварот и поведоа со 26-15 по 10. минути игра, меѓутоа Хрватска одлично возврати во втората четвртина постигнувајќи 37 поени со што на полувремето заминаа со предност од 50-52. Неизвесноста продолжи и во поголемиот дел од третата четвртина, но Словенија беше подобро во самиот финиш во кој со серија од 7-0 стигна до предност од 77-70.

Хрватите повторно возвратија на почетокот на последната четвртина со што стигнаа до 77-77, но немаа сили за целосен пресврт, а Словенија во своите редови го имаше одличниот Препелиќ кој со серија на тројки го реши победникот на денешниот меч.

Клемен Препелиќ беше најрасположен кај домаќините со 31 поен, Мајк Тоби имаше фантастично деби со дабл-дабл од 26 поени и 10 скока, додека Лука Дончиќ ги продолжи „ол-ароунд“ настапите од НБА лигата забележувајќи 10 поени, 17 асистенции и 7 скока. Марио Хезонја беше предбодник на Хрватите со 35 поени и 9 скока, додека Роко Лени Укиќ додаде 23 поени и 5 асистенции.

Се вчитува...