Дончиќ трагичар и со трипл-дабл, нов меч за паметење на Ембид

Далас маверикс загуби уште еден дуел на домашен терен, овојпат од екипата на Ла Клиперс со резултат 112-120, дуел во кој Лука Дончиќ стигна до нов трипл-дабл, но воедно беше и трагичар на својата екипа. Далас благодарение на Дончиќ се врати од „минус 22“ што ги имаше во втората четвртина, но Словенецот потфрли кога беше најважно. Тој имаше загубена топка при 114-110 за клиперси, во следниот напад промаши две слободни фрлања, а кога во наредниот напад промаши и тројка при 118-110 за противникот беше јасно дека Далас ќе го загуби овој натпревар.

Зад неговото име останаа запишани 28 поени, 10 скокови и 10 асистенции, но и многу слаб шут од игра (2/11 за тројка, севкупно 9/25 шут од поле).

Шампионот Денвер славеше на гостувањето против Торонто репторс со 104-113, дуел во кој во главна улога беше Никола Јокиќ. Српскиот центар забележа 31 поен и 15 скокови, беше незадржлив за противниците и го предводеше својот тим до четвртиот триумф во последните пет натпревари.

Актуелниот МВП на лигата, Џоел Ембид, продолжува со неверојатни изданија. Филаделфија триумфираше со 127-113 над Минесота, а Ембид одигра уште еден меч за паметење, реализирајќи 51 поен и 12 скокови за вкупно 36 минути игра.

Атланта како гостин го совлада Хјустон со 127-134, Тре Јанг беше фантастичен со 30 поени и 14 асистенции, а одлична шутерска вечер имаше и Богдан Богдановиќ, реализирајќи 22 поени надополнети со пет асистенции.

Резултати НБА:

Кливленд – Јута 124-116, Индијана – Шарлот 144-113, Орландо – Мајами 106-115, Филаделфија – Минесота 127-113, Бруклин – Њујорк 102-121, Торонто – Денвер 104-113, Чикаго – ЛА Лејкерс 124-108, Хјустон – Атланта 127-134, Далас – ЛА Клиперс 111-120, Сакраменто – Бостон 119-144.

Се вчитува...