Донесена е одлука каде ќе се игра финалето на СП 2030

Финалето на Светското првенство во фудбал во 2030 година ќе се одржи во Казабланка, изјави претседателот на Кралската фудбалска федерација на Мароко, Фузи Лекја, а пренесе шпанската новинска агенција ЕФЕ.

Светската фудбалска организација ФИФА се уште официјално не го објавила местото каде што ќе се одигра финалето, додека Шпанија и Мароко се натпреваруваат за домаќинство на најголемиот фудбалски натпревар.

„Провинцијата Бенслиман ќе ја има честа да биде домаќин на финалето на Светското првенство во 2030 година“, изјави Фузи Лекја.

Бенслиман е град оддалечен 60 километри од Казабланка и локација каде што се гради стадионот „Хасан Втори“, вреден 12 милијарди долари. Стадионот се гради за потребите на Светското првенство и има планиран капацитет од 115.000 гледачи. Тоа ќе биде најголемиот стадион во светот наменет исклучиво за фудбал.

Следното Светско првенство ќе биде уникатен настан бидејќи натпреварите за првпат ќе се одржат во шест земји на три континенти. Додека првите три натпревари ќе се играат во Аргентина, Парагвај и Уругвај, домаќини на поголемиот дел од турнирот ќе бидат Мароко, Португалија и Шпанија. ФИФА се уште ги нема финализирано сите градови-домаќини за натпреварите, но и Мароко и Шпанија сакаат да бидат домаќини на финалето.

Во август, ФИФА објави дека медиумските извештаи дека претседателот Џани Инфантино му го ветил финалето на Мароко се „неточни и погрешни“.

Се вчитува...