Допис од ФИФА и УЕФА до ФФМ: Промени на Статутот откако ќе се одржи Изборното собрание

Фудбалската федерација на Македонија објави официјален допис од генералните секретари на УЕФА и ФИФА во врска со спорот помеѓу Агенцијата за млади и спорт и Фудбалската федерација на Македонија, околу барањето за усогласување на Статутот на ФФМ со Законот за спорт.

„Во насока на нашата постојана комуникација, ФИФА и УЕФА  ја подржуваат Фудбалската федерација на Македонија, Статутот да биде предмет на разгледување целосно откако ќе се одржи изборното Собрание на ФФМ и ќе биде избран новиот Управен одбор. Согласно праксата на добро раководење, ФИФА и УЕФА силно препорачуваат нивните членки да не прават промени во нивните статути пред одржување на изборите, туку само потоа. Иако датумот на Изборното Собрание сеуште не е утврден, веруваме дека истото ќе се одржи навремено и во разумен рок. Целта на ревизијата на Статутот на ФФМ не е само во насока на усогласеност на истиот со Статутите на ФИФА и УЕФА, туку и во насока на усогласеноста со националното законодавство. Веруваме дека ФФМ може да организира изборен процес независно и без влијание“ – се вели во дописот од ФИФА и од УЕФА.

На последната прес-конференција во „Куќа на фудбалот“, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини ја информираше јавноста за медиумски манипулативно известување со неважечка содржина споделено од Агенцијата за млади и спорт кое имаше за цел да фрли сенка на одличната година која е зад Фудбалската федерација на Македонија.

„Апсолутно сме убедени дека и во иднина заедно со сите поврзани чинители посветено ќе работиме на подобрување на условите во македонскиот фудбал, согласувајќи се околу потребата за спроведување и имплементација на македонските закони“ – истакнуваат од ФФМ.

Се вчитува...