Доживотна суспензија од НБА за кошаркарот кој се обложуваше против себе

НБА на најдобар можен начин покажа нулта толеранција кон обложувањето на кошаркари на мечеви од најсилната лига во светот, откако денеска му врачи доживотна суспензија на Џонтеј Портер, кошаркарот на Торонто кој се најде во центарот на вниманието откако беше покрената истрага против него поради сомнеж за лажирање на натпревари на својот тим.

Истрагата докажа дека Портер не влијаел на конечниот исход, туку самиот (преку пријатели обложувачи) остварил огромна финансиска корист со облози на неговиот број на постигнати поени.

Станува збор за два меча што Торонто ги одигра на 26 јануари и на 20 март, на кои се забележани огромни уплати дека Портер ќе постигне поени под дадената граница во обложувалниците. И на двете средби тој влегол кратко на теренот, по што се пожалил на повреда или болест и повеќе не се враќал во игра, притоа стигнувајќи до добивка повисока од 1,1 милион долари.

НБА-лигата преку соопштение ја објави доживотната суспензија на Портер, но и потенцираше дека федералните власти продолжуваат со својата истрага за која кошаркарот на Торонто би можел да добие дури и затворска казна.

Се вчитува...