Драган Бајиќ повеќе не е селектор на Македонија

Драган Бајиќ повеќе не е селектор на кошаркарската репрезетнација на Македонија откако денеска КФМ и српскиот стратег взаемно се спогодија да ја прекинат соработката. Искусниот стратег беше на чело на „црвено-жолтите“ од април 2021 година, но не успеа да ги оправда очекувањата.

По успешните претквалификациите за Светското првенство 2023, Македонија не успеа да оствари победа во квалификациите каде за противници ги имавме Шпанија, Грузија и Украина, а и покрај тоа што беше најавено продолжување на договорот и за престојните претквалификациите за Европското првенство 2025, на нив кошаркарите ќе ги предводи нов селектор.

„Кошаркарската Федерација на Македонија би сакала да ја извести јавноста дека македонската „Куќа на кошарката“ и г. Драган Бајиќ, взаемно се спогодија да ја прекинат соработката околу негов понатамошен ангажман во машката сениорска репрезентација на Македонија.

Од оправдани причини, односно здравствени проблеми со кои се соочува во изминатиот временски период, г. Драган Бајиќ повеќе не е во можност максимално посветено да одговори на обврските кои со себе ги носи работењето во сениорскиот национален тим.

Земајќи ја предвид потребата машката „А“ селекција да има стратег кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збиднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клубски обврски на досегашниот селектор, обете страни пријателски и фер се сложија околу прекинувањето на соработката.

Во оваа прилика, би сакале да му се заблагодариме на Драган Бајиќ, како и на неговите соработници, Адмир Прасовиќ и Александар Кукриќ за досегашното работењe со нашата најдобра селекција!“, стои во соопштението на КФМ.

Драган Бајиќ беше петтиот странец кој седна на клупата на македонската репрезентација по Јовица Арсиќ, Алеш Пипан, Александар Џикиќ и Драган Раца. Дали во иднина „црвено-жолтите“ ќе добијат нов странец за предводник или пак раководството ќе се одлучи за домашен стратег ќе дознаеме наскоро.

Време за чекање нема со оглед на тоа што веќе во август не очекува почетокот на претквалификациите за Европското првенство 2025 и натпреварите против Данска и Словачка.

Се вчитува...