Македонската машка ракометна репрезентација добива ново име во стручниот штаб. Драган Јерковиќ е назначен за тренер на голманите, потврди Ракометната федерација на Македонија.
Хрватскиот стручњак пристигнува со сериозно интернационално искуство, а зад себе има и работа во германската Бундеслига. Во изминатите две сезони беше дел од стручниот штаб на Рајн-Некар Левен, каде што работеше токму со голманите.
Од сезоната 2026/27, Јерковиќ ја продолжува својата кариера во ХЦ Ерланген, но паралелно ќе биде дел и од македонскиот национален тим.
Неговото ангажирање е поврзано со соработката со селекторот Кирил Лазаров, со кого Јерковиќ во минатото бил соиграч. Токму повикот од Лазаров бил една од причините поради кои без размислување ја прифатил понудата.
„Голема чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од македонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство, како и на Светското првенство во Германија. Повикот од мојот поранешен соиграч и пријател Кирил Лазаров едноставно не можев да го одбијам“, изјави Јерковиќ.
Новиот тренер на голманите посебно е задоволен од потенцијалот со кој располага Македонија на оваа позиција.
„Сметам дека имаме одличен спој на искуство и младост. Верувам во нивниот потенцијал и сигурен сум дека со заедничка работа можеме да направиме голем исчекор и да оствариме добри резултати“, додаде Хрватот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
