Драган Канатларовски, како претставник на тренерската организација, нов член на Собранието на ФФМ

Едно од најголемите македонски фудбалски имиња Драган Канатларовски ќе биде нов член на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија, по денешниот избор како делегат претставник на тренерската организација од ОФС Битола.

На денешното Собрание на ОФС Битола, 36 присутни делегати, ги утврдија петте делегати од општинскиот сојуз кои ќе ја претставуваат Битола во Собранието на ФФМ. Меѓу нив и Драган Канатларовски како силна определба на ОФС Битола за вклучување на истакнати спортски лица во највисокиот орган на ФФМ.

„Имаме јасна определба за вклучување на фудбалските лица од Битола во Собранието на ФФМ. Без сомнение го одбравме најголемото фудбалско име на градот, но сигурно и едно од најголемите во Македонија и регионот. Канатларовски како претставник на тренерската организација во иднина ќе ги брани определбите за дополнителен фудбалски развој“ – ни изјави претседателот на ОФС Битола, Златко Талевски, кој е реизбран на оваа функција со нов четиригодишен мандат.

ОФС Битола и во иднина очекува силна поддршка од ФФМ за комплетирање на започнатите инфраструктурни проекти, пред се околу комплетната изградба на стадионот.

„Продолжуваме, со максимална поддршка од раководството на ФФМ, со комплетирањето на ‘Тумбе кафе’  како вистински репрезентативен спортски објект во градот. Веќе деновиве ќе се стартува со поставувањето и на рефлекторите за заокружување на целокупниот изглед“ – дополнува Талевски.

На Собранието на ОФС Битола како гостин присуствуваше и спортскиот директор на ФК Пелистер, Пеце Коруновски, истакнувајќи дека е неопходно најпрепознатливиот спортски колектив од Битола да добие во иднина далеку поотворена и поизразена поддршка од општинскиот сојуз.

 

Се вчитува...