Драган Томовски, една од најпрепознатливите домашни фудбалски личности речиси 35 години активно вклучен во целокупното спортско живеење. Поранешниот директор на Вардар, Работнички и Цементарница 55, и тоа токму во времето на најславни денови на трите клуба, идеолог и прв промотор на Балканска лига, но и советник на бордот за организација на холандски Херенвен на почетокот од овој век, секогаш повеќе од интересен соговорник кога е во прашање фудбалот.
Овој пат во разговор за ЕКИПА главно на репрезентативните теми, пред јунските квалификациски дуели на Македонија против Украина и Англија, во желбата за пласман на ЕП 2024. Но, истовремено и за причините за постоечките состојби во мак-фудбалот, како и во репрезентацијата…
„Според мене убаво е што играме со селекции како Англија, Италија, Украина… Овие, како и квалификациите за СП, се единствени моменти кога можеме да видиме поквалитетни селекции, со оглед на форматот на натпреварување кое го определи УЕФА за Лигата на нации. Фудбалот е пред се ужување, излив на емоции, страст и радост за успесите na националниот тим. И така треба да го доживуваме. Не мислам дека е некој хендикеп што играме во една ваква група. Но, треба да сме реални и објективни, во овие натпревари да влеземе храбро, но и мудро и рационално. Ако нешто посебно ме радува, тоа е фактот дека играчите на националниот тим во последно време функционираат во добра атмосфера, со многу поголема самодоверба, и се трудат да играат и играат фудбал“ – вели Томовски.
МОРА ДА БИДЕМЕ ПОРЕАЛНИ – ФАКТ Е ДЕКА МАКЕДОНИЈА НЕМА ДОВОЛЕН БРОЈ КВАЛИТЕТНИ ФУДБАЛЕРИ
А, македонската јавност, објективно, секогаш е малку над реалноста…
„Ние кои анализираме и оценуваме мора да укажеме на еден очигледен факт: Македонија нема доволен број квалитетни фудбалери. Тоа е дефинитивно. Но, тоа ниту е ниту може да биде став од селекторот и стручниот штаб бидејќи тоа би постигнало контра ефект во самата репрезентација, посебно на психолошки план. Затоа изјавите на селекторот одат во спротивна насока, која има за цел да ја подигне самодовербата на играчите, врз база на објективни елементи. Не може да не констатираме дека за нашата селекција секој играч кој се откажал, е повреден или казнет претставуван огромен хендикеп. Лесно му е на англискиот или италијанскиот селектор, без разлика дали одредени играчи се повредиле или откажале, со изборот на играчи кој го имаат. Од друга страна, селекторот Боби Милевски мора да признаеме дека го извлекува максимумот од тимот кој во секој натпревар или циклус останал без одреден број играчи. Умешноста на Милевски и на стручниот штаб е да пронајде начин преку квалитетни анализи и добро подготвена стратегија репрезентацијата да го направи најдоброто што може во моменталната ситуација. А од она што го знам, овој дел на работа многу добро функционира во репрезентацијата.“
ЈАВНОСТА СЕ „РАЗГАЛИ“ СО ПЛАСМАНОТ НА ЕП 2020 И ПОБЕДАТА НАД ИТАЛИЈА, НО МОРА ДА БИДЕМЕ ОБЈЕКТИВНИ ЗА ДА НЕМА ПОТОА НЕПОТРЕБНИ РАЗОЧАРУВАЊА
Но, факт е и дека се разгали целокупната фудбалска јавност со настапите на Европското првенство 2020 а потоа и победата над Италија и пласманот во финалето од баражот за СП 2022.
„Да, можеби сите ние се разгаливме малку со учеството на ЕП, па потоа големата победа над Италија и финалето во баражот за СП 2022. Но, мора да разбереме дека во овој момент националниот тим е пред еден вид една реконструкција, и јас немам никаков сомнеж дека Милевски ќе го направи најдоброто што може иако е пред една исклучително тешка задача… Oбичниот гледач, пак, кога ќе дојде на стадион сака да ја гледа Македонија само агресивна, силна, офанзивна и победничка. И јас тоа го разбирам. Но, дали тоа објективно секогаш е можно, е сосема друго прашање!?“ – истакнува Драган Томовски, и дополнува:
„Пласманот на ЕВРО 2020 беше навистина исклучително позитивен момент за македонскиот фудбал. На сите кои придонесоа мора да им се оддаде големо признание. И тука нема збор. Но, не треба да замижуваме на фактот дека тоа сепак беше во еден систем на УЕФА кој овозможи фаворизација за учество на ЕП за некоја од помалите земји. Како и да е, добро е што ние го искористивме тоа. Но, за жал, на самиот настап на ЕП ја видовме другата страна на медалот и со игрите таму впечатокот од самиот пласман беше расипан. Проблемот е во менталитетот, создадовме преголема еуфорија од тој пласман, живеевме за тој момент и го доживеавме како крајно постигната цел. Селекторот кој до тој момент многу добро ја водеше селекцијата на самото ЕП допушти премногу недоследности и грешки“.
ПРЕДНОСТА НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ВО ОВИЕ ГОДИНИ Е АВТОРИТЕТОТ НА МИЛЕВСКИ КОЈ ГО ИЗВЛЕКУВА МАКСИМУМОТ ОД ОВОЈ ТИМ
Враќајќи се на актуелниот момент во репрезентацијата, велите дека актуелниот стручен штаб, во секој случај, го извлекува можеби максимумот од она какви се актуелните севкупни услови…
„Ако јас се прашувам предноста во репрезентацијата во овие години е авторитетот кој селекторот Боби Милевски го изгради кај фудбалерите, што претставува база за се понатаму. А каков авторитет има тренер се гледа и од тоа колку им помага на играчите да бидат рационални, ефикасни и како оптимално да ги реализираат сопствените индивидуални квалитети во функција на тимот и резултатот. Тука мислам дека Милевски e различен, далеку пред некои претходни македонски селектори. Сите во националниот тим се свесни дека целиот стручен штаб е во функција на играчите и извлекување на најдоброто во рамки на нивните способности, следено со посебна психолошка подготовка, тактичка надградба и договор“ – вели Томовски.
КАЈ НАС НЕ ФУНКЦИОНИРА СИСТЕМОТ НА ПРОДУКЦИЈА НА МЛАДИ ИГРАЧИ
Сепак, се поставува прашањето кон каде оди националниот тим после оваа генерација и заминувањето на уште неколку искусни играчи меѓу кои се Адеми, Стефан Ристовски, Трајковски… Како потоа ако се знае дека домашната лига веќе и не продуцира сериозни репрезентативни кадри?
„На краток рок, проблемот ќе биде помал, но на долг мислам многу, многу, тежок. Првиот многу важен и позитивен факт е дека Македонија, во однос на популацијата и условите, има исклучително голем број фудбалски таленти и потенцијал. Но, целиот систем на продукција на играчи не функционира. Односно, систем не постои… Ако претпоставиме дека еден таков систем претставува пирамида, на чиј врв се играчи од 16-20 години, клучните години за реализација на се она што претходно го работеле, тука се среќаваме со два проблеми. Првиот е неподготвеноста на тренерите да ги форсираат младите играчи, а вториот е недостаток на квалитетно натпреварување за истите. Првиот проблем мора да го решава клупскиот менаџмент кој е над тренерите со прецизно поставени задачи во тој правец. Вториот се решава со лига на млади тимови до 21 година, нешто на кое инсистирав уште во 1994 година… Но, и тука е проблемот клупскиот менаџмент кој не е подготвен да инвестира во клубот во работа која има најголемо влијание врз конечната надградба на играчите, а посредно и врз квалитетот и моментот на продажбата на младите играчи. Особено што клубовите добиваат веќе сериозни средства од УЕФА за младите категории. Но, за квалитетот на продукција млади играчи мора поголема одговорност и од ФФМ, затоа што од таму се црпат играчи за сите селекции на Македонија. Мислам дека ФФМ лесно може да организира и издвои средства за таква лига“ – истакнува Томовски.
Сепак, се чини комплексно е прашањето за насоката во која се движи репрезентативниот фудбал, и кои се најболните точки кои ќе мора да се решаваат во иднина…
„За да младите играчи дојдат до оваа категорија, потребно е да поминат пат од десеттина години тренинг во помладите категории. Каков е системот, кој и во какви услови ја реализира оваа едукација е комплексно прашање кое ги вклучува клубовите, нивните можности, нивната стратегија, потоа тренерите но и родителите на играчите чие учество во неуспешниот резултат на едукацијата учествуваат со огромен процент (околу 70% за неуспех на талентирани деца се виновни родителите). Ние како семејство, пред се моите синови, долгорочно работиме на овој проект и секогаш кога селектираме некој играч најважната работа освен потенцијалот на играчот е неговото семејство. Искуството ни покажа дека изборот ни е повеќе од одличен и навистина можеме да се пофалиме со извонредни семејства со кои заеднички работиме на едукација и прогрес на играчите. Ова е исклучително значајна тема и заслужува далеку поширок простор и дебата затоа што, меѓу останатото, и тоа како е важна за иднината на фудбалот во Македонија“ – вели Драган Томовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА