Олсон за мечот со Македонија: Сакаше да ме плукне, но имаше испиено премногу пиво…

Холандија се пласираше во главната рунда од СП 2025, а селекторот Штафан Олсон во интервју за медиумите од родната Шведска говореше за инцидентите на дуелот со Македонија.

„Немам никакви проблеми со фанатични навивачи на трибините, но кога ќе се фрла со кованици и со шишиња вода кон играчите, судиите и тренерите, тоа веќе не е забавно. Добив чувство дека на судиите им е крајно непријатно, додека прегледуваа спорни моменти имаше навивачи што врискаа на еден метар од нив. Мора да постојат граници. Судиите им забранија на децата што го чистат паркетот да ја бришат водата пред крајот, се плашеа за нивната сигурност, јасно е дека сето тоа влијае и врз играчите, особено кај оние од нашиот табор кои не играат во најсилните европски клубови и лиги“, изјави Олсон за „Афтонбладет“.

Тој обелодени и дека забележал еден навивач како се обидува да го плукне додека се движел кон соблекувалната.

„Тргнавме да си одиме, еден човек се обиде да ме плукне… Сепак, имаше испиено премногу пиво, па плунката не стигна до мене“, прокоментира шведската ракометна легенда, која неколку години ја води холандската репрезентација.

Се вчитува...