Драма: Пелистер прокоцка „плус 11“ за 100 секунди, но Маслинко донесе триумф над Сутјеска

Кошаркарите на Пелистер забележаа уште една победа во АБА2-лигата на балонот во Бања Лука, овојпат над директниот ривал за пласман во Ф8, црногорскиот претставник Сутјеска со резултат 77-75. Битолчани одиграа импресивен меч во кој целосно го контролираа резултатот, долго време имаа двоцифрена предност и заслужено се радуваа на победата. Триумфот на тренерот Илиевски и неговите избраници е уште позначаен ако се знае дека Пелистер настапи без Хаџифејзовиќ, но и во отсуство на својот најдобар играч успеа да стигне до значаен триумф. „Пелистерци“ по оваа победа имаат скор од 6-3 во АБА2 лигата и се наоѓаат на делба од четвртото до шестото место заедно со екипите на Златибор и на Сутјеска.

Натпреварот почна со израмнета игра во која нападот на двата тима функционираше одлично, а Караџовски беше најистакнат во таборот на „пелистерци“ во почетните минути. Пред крајот на првата четвртина македонскиот вицепрвак заигра далеку подобра одбрана, ја финишираше четвртината со серија од 10-1 и го доби првиот период од мечот со 25-16. „Пелистерци“ се соочија со проблем на стартот од втората четвртина кога противникот намали на 25-23, но потоа следеше одличен период на игра во одбраната, Сутјеска шест минути не можеше да постигне ниту поен, а битолчани го искористија тоа и предводени од Американецот Карпентер на одмор заминаа со убедливи 43-28.

Mакедонскиот претставник рутински го контролираше резултатот во текот на третата четвртина. Сутјеска заигра нешто подобро во нападот, напали на 50-38, но следеше тајмаут на тренерот Илиевски по кој Пелистер се врати во ритам во одбраната и лесно го контролираше темпото на мечот, завршувајќи го овој дел од мечот со убедливо водство од 63-47. Последната четвртина стартуваше со тројка на Карпентер, но црногорскиот претставник ја спушти негативата под десет поени на повеќе од три минути до крајот (66-57). Карутерс и Карпентер погодија важни шутеви, но Сутјеска повторно притисна во последната минута, по двете промашени слободни фрлања на Маслинко и тројката на Вулевиќ намалувајќи на 75-72 на дваесетина секунди до крајот. Битолчани имаа напад, но веднаш ја загубијата топката, по што Сутјеска имаше шанса за израмнување. Томашевиќ промаши едно од двете слободни фрлања за црногорскиот тим, но Пелистер повторно се коцкаше, откако Карпентер ја загуби топката на 6,5 секунди до крајот. Судиите досудија уште една сомнителна лична грешка над Томашевиќ по што најдобриот кошаркар на Сутјеска израмни на 75-75 на три секунди до крајот.

Илиевски побара тајмаут, а веднаш беше одигран цепелин под обрачот за Маслинко, репрезентативецот беше фаулиран, по што со две прецизни слободни фрлања ја донесе победата на македонскиот вицешампион.

Карпентер со 25 поени беше најефикасен во победничката екипа, Караџовски постигна 16, а Карутерс 15 поени за „пелистерци“, додека Маслинко го заврши мечот со 10 поени и шест скокови.

Пелистер во третиот меч од овој балон што се одржува во Бања Лука ќе се сретне со актуелниот шампион на АБА2, српскиот претставник Златибор, меч што ќе биде на програмата в недела со почеток во 12 часот.

Се вчитува...