Драма: Севилја водеше со 2-0 до 89. минута, но не победи

Севилја прокоцка идеална шанса да врзе две победи во низа и да побегне целосно од долниот дел на табелата во Ла Лига, откако оваа екипа ремизираше 2-2 на домашен терен против Селта. Иако беа со играч помалку од 19. минута по црвениот картон на Геје, Севилја имаше водство од 2-0 се до 89. минута, но не успеа да ја задржи удобната предност и на крајот мораше да се задоволи само со еден бод.

Како клучен се покажа финишот од првото полувреме, кога Ен Несири се најде на вистинско место во вистинско време и со прецизен удар го совлада гостинскиот голман за водство од 1-0.

Фудбалерите на Севилја не само што се одбранија од обидите на гостите за израмнување, туку успеаја да постигнат и втор погодок, кога Аргентинецот Акуња со еврогол од над 25 метри донесе огромна радост на „Санчез Пизхуан“.

И кога се очекуваше крај и триумф на домаќините, Селта се врати со два гола во 89. и во 94. минута од натпреварот. Мигел погоди за намалување на 2-1, а шок на домашните фанови на стадионот донесе Пасиенсија, кој биеше прецизно со глава, совладувајќи го голманот Дмитровиќ.

Се вчитува...