Драма во Белград: Црвена Звезда од „минус 14“ до голем триумф над Баерн Минхен

Црвена Звезда ја прекина серијата евролигашки порази откако вицешампионот на АБА по голема борба вечерва славеше над Баерн Минхен со резултат 74-68. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека „црвено-белите“ во третата четвртина имаа негатива од 14 поени, но покажаа карактер, се вратија, и со неколку погодени клучни шутеви во финишот стигнаа до победата.

Мечот почна многу лошо за српскиот тим, кој инсистираше на шут од далечина, имаше 0/8 за тројка во првата четвртина, а Баерн поведе со 12-19. Гостите од Германија имаа целосна контрола над резултатот, на полувреме се замина со минимално водство на Баерн од 33-35, но избраниците на Пабло Ласо потоа одлично го почнаа третиот период и поведоа со 38-52. „Црвено-белите“ до крајот на четвртината намалија на шест поени разлика, потоа целосно се вратија, за со тројките на Теодосиќ и на Јаго да стигнат до огромен триумф.

Милош Теодосиќ одигра маестрален натпревар со 16 поени и 11 асистенции, двоцифрен беше и Лука Митровиќ со 11 поени, додека кај Баерн Минхен најефикасни во поразот беа Едвардс со 16 и Бонга и Болмаро со по 12 поени.

Се вчитува...