Дурант жртвуваше 10 милиони долари за Голден стејт

Кевин Дурант е последниот од низата асови на Голден стејт вориорс што потпиша со актуелниот шампион на НБА-лигата. Сепак, крилниот кошаркар воедно е и најзаслужниот што шампионскиот тим на „воините“ не се распадна, откако прифати значително помала сума од онаа што можеше да ја добие на друго место, само за Голден стејт да не го пробие селари-капот и да може да се договори со Кари, Игудала и Ливингстон.

Како што јавуваат американските медиуми, новиот договор на Дурант е со висина од 53 милиони долари, од кои 25 милиони долари во наредната сезона. Ова е речиси десет милиони долари пониска сума од она што Дурант можеше да го добие доколку се решеше за преселба во друг клуб (34,5 милиони долари), јасен доказ дека овој кошаркар ќе стори се за да освои нов шампионски прстен.

Дурант минатото лето беше оценет како „предавник“ по одлуката да си замине од Оклахома сити за трансфер во Голден стејт, потег што од сегашна перспектива се покажува како вистински бидејќи „Дурантула“ конечно ја освои првата шампионска титула во кариерата.

Се вчитува...