Дури 11 тренерски смени на стартот од сезоната во најсилните фудбалски шампионати

Не им „цутат многу розите“ есенва на тренерите во најсилните македонски фудбалски шампионати. Само по првиот круг од натпреварите во сезоната во Првата македонска фудбалска лига и двете втори фудбалски лиги вкупно променети 11 тренери.

Во елитниот шампионат од стартот на сезоната дури четири клуба веќе ги сменија тренерите поради слаби резултати. Прв си замина тренерот на Тиквеш, Пане Блажевски, а го замени искусниот Влатко Костов. Потоа оставка поднесе и тренерот на Македонија ЃП, Александар Таневски, а шеф на стручниот штаб на „лавовите“ сега е Муарем Бајрами. Не се задржа долго по стартот од сезоната на клупата на Борец и Борче Христов, слабите резултати придонесоа за неговата оставка, па сега велешаните ги води Јане Николоски. Последна тренерска жртва е Димитар Капинковски, чија работа не донесе резултати во Пелистер кој е на последното место на табелата и јасно сам си замина пред да добие отказ. Се уште не е познато кој ќе го замени, но јасно е дека кој и да биде воопшто нема да му биде лесно.

Ништо не е подобро и во Вторите лиги,  особено во западната група.  Дури пет тренери по изминатите девет кола добија „шут карта“. Серијата ја отвори, кој друг ако не Вардар, кој го смени поранешниот тренер на Силекс, Горан Симов, а тренерската функција ја презеде неговиот поранешен фудбалер Никола Глигоров. Од Охрид си замина познатото фудбалско име Драган Бочевски, го притиснаа лоши есенски резултати, сега охриѓаните ги води Петар Џигеровски, кој пред три кола беше тренер на Велешта. Јасно, веднаш откако тој си замина, Велешта го ангажираше Гајур Реџепи. И Беса доби нов  тренер, место Менсур Јакупи, сега ќе ја води Бујар Исмаили. Можеби е неочекувана за многумина оставката на досегашниот тренер на Воска од Охрид, Раде Цицмиловиќ, затоа што дебитантот во Втората лига – Запад е на второто место на табелата.

Што се однесува до Втората лига-Исток, таму е нешто помирно, барем досега. Само два клуба добија нови тренери. Тоа е Кит-Го, кој место Емил Грнев го ангажираше Трајче Сенев и Локомотива од Градско, која досега ја водеше Димче Тодоровски, а го замени Никола Глигоров.

М.М.

Се вчитува...