Дуро: Чудата на Струга продолжуваат, но нема време за многу славје веќе мислиме на Исланѓаните

Тренерот на Струга ТЛ, Шпетим Дуро на прес-конференцијата во Луксембург не можеше да ја сокрие среќата по пласманот на неговиот тим во плејофот од УЕФА Конференциската лига.

Тој им се заблагодари на сите за овој историски успех, кој дојде на исклучително тежок начин, бидејќи тимот од 14. минута играше со играч помалку на теренот.

„Чудата на Струга ТЛ сезонава продолжуваат, почнувајќи од шампионската титула во Македонија па сега до пласманот во плејоф-фазата од Конференциската лига. Историски ден за нашиот клуб, исклучително големо достигнување. Сакам да му се заблагодарам на тимот, на момците за тоа што го покажаа на теренот, затоа што и самите видовте, не бевме рамноправни од 14. минута, а сепак одигравме квалитетен меч посебно во првото полувреме“ – изјави Дуро, кој ги коментираше и судиските одлуки кои беа и тоа како сомнителни.

„Во второто полувреме се чувствуваше притисок кај екипата, но имам и многу замерки за судењето, посебно за двата случаи на Бесарт Ибраими и Буњамин Шабани. Во врска со црвениот картон, во 14. минута не знам како правилно да ја коментирам постапката на Радески, ако направил нешто недолично сигурно го заслужил, но тоа секако предизвика проблеми во тимот, затоа што како што нагласив претходно, да се игра со бројчана инфериорност на европски натпревар не е лесно“.

Дуро по овој успех им честиташе на сите кои се дел од тимот, почнувајќи од сопствениците на клубот до најзаслужните, фудбалерите.

„За овој успех, честитки до целиот тим, до сите момци за ова историско достигнување на Струга Трим Лум. Сега не треба некој посебен коментар туку треба да се искаже благодарност на целиот клуб, почнувајќи од сопствениците, раководството, фудбалерите, па конечно, тоа е историски ден за нас. Но, сонот продолжува. Секако ова е извонредно достигнување, но имаме уште два натпревари, да се радуваме денес со ова достигнување, а веќе од утре мора веднаш да размислуваме за следните два натпревари“.

Следен противник во плејоф фазата е шампионот на Исланд, Бреидаблик.

Првиот меч Струга ТЛ го игра на домашен терен на 24. август во Струмица, додека една недела подоцна ќе се игра на теренот на противникот.

Се вчитува...