Дуро и Ибраими едногласни: Струга беше подобар ривал и заслужено победи

Струга ТЛ со одлично издание стигна до два гола предност по првиот меч со Есперанж, одлична позитива во пресрет на реваншот што за седум дена ќе се игра во Луксембург.

Херој на македонскиот првак беше Бесарт Ибраими, кој со хет-трик го трасираше патот до големиот триумф.

„Нормално кога ќе се дадат три гола се чувствувам убаво, но многу подобро е кога ние ќе победиме. Првиот дел го  одигравме одлично, во второто полувреме и покрај примениот гол се вративме и заслужено победивме“, изјави Ибраими по натпреварот.

Тренерот Шпетим Дуро беше задоволен од денешниот меч, но истовремено и ги предупреди своите избраници дека не смеат да се опуштат пред реваншот во Луксембург.

„Стигнавме до заслужена победа, како што на крајот покажува и резултатот. Првото полувреме бевме многу подобри. Во вториот дел не почна како што посакувавме, но како поминуваше времето нашите играчи успеаја да се со земат и сметам дека стигнавме до заслужен триумф. Одигравме добар натпревар, но ништо не е готово, работата мораме да ја завршиме на реваншот во Луксембург“, истакна Дуро.

Се вчитува...