Дуро: Ова беше историска победа на Струга ТЛ

Струга ТЛ синоќа го совлада Будуќност и на реваншот во Подгорица, во 2. квалификациско коло во Лигата на Конференции, и така закажа дуел со Хесперанж од Луксембург, со што си го отвори патот кон плеј-офот во европското натпреварување.

Тренерот на стружани, Шпетим Дуро кажа дека ова било историска победа за Струга, но и дека цела сезона е историска за тимот.

„Ова е историска победа, можам да кажам и дека цела оваа сезона е историска за Струга Трим Лум, откако станавме шампиони, игравме во финалето на Купот, но во исто време успеавме да поминеме и коло во европските натпреварувања. Ние сме скромна екипа“, рече Дуро кој продолжи да зборува за мечот во Подгорица.

„Беше тежок натпревар, како што очекувавме. Натпреварот започна лошо за нас, бидејќи примивме гол во раната фаза, но тимот најде сила веднаш да врати, а потоа се смени текот на натпреварот. Во моментите кога мислевме дека ќе ни биде полесно во вториот дел, во последните секунди од првото полувреме го примивме израмнувачкиот гол, кој создаде притисок кај нас, а на противникот му даде мотив. Но, во тимот имаме играчи од калибарот на Бесарт Ибраими, Марјан Радески, Буњамин Шабани, Бесмир Бојку, играчи кои имаат исклучителни вредности, вистински професионалци кои ја носат главната тежина на тимот, и се покажа дека второто полувреме е исто така во наша корист. Бев загрижен за излезот на Ментор Мазрекај бидејќи тој одлично влезе во овој натпревар, во првите моменти пред да се повреди, но важно е што на крајот остваривме голема победа“ – изјави Шпетим Дуро.

Се вчитува...