Дуро пред клучниот меч: Секој ривал е тежок, Бреидаблик има и исландски репрезентативци

Фудбалерите на Струга ТЛ се подготвени за предизвикот што го носи утрешниот меч на домашен терен против Бреидаблик од Исланд, прв дуел од бараж двомечот во кој влогот е огромен – пласман во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА.

Тренерот Шпетим Дуро има причина да биде задоволен од одличната форма на својот тим на европските натпревари, во надеж дека утре стружани повторно ќе одиграат на највисоко ниво и ќе ги израдуваат своите фанови.

„За нас е неверојатен успех и самиот пласман во оваа фаза, но секако дека не планираме да застанеме. Имаме уште два меча пред нас, дуели на кој ќе дадеме се за да победиме и да се пласираме. Горд сум на мојот тим, на начинот на кој играат во Европа сезонава, на кој во големи периоди доминираат во однос на ривалите кои не се нималку наивни. Тоа ми дава верба за успех и на наредниот натпревар“, изјави Дуро.

Стратегот на Струга ТЛ е полн со респект за утрешниот противник, за кого децидно порачува дека никако не смее да биде потценет.

„Секој противник во оваа фаза е тежок, но тоа не прави разлика за нас бидејќи ќе мораме да го наметнеме сопствениот стил на игра. Бреидаблик е тим што игра физички фудбал, агресивен во дуелите, да не заборавиме дека има и исландски репрезентативци во своите редови. Сепак, ќе повторам дека најважно е како ќе игра нашиот тим, а јас сум оптимист околу настапот на моите фудбалери во кои бескрајно верувам“, истакна Шпетим Дуро.

Се вчитува...