Душебајев загрижен: На Кјелце да не му се случи Сиудад Реал

Талант Душебајев е решен да остане во Кјелце и да помогне овој тим да ја надмине сериозната криза, но трофејниот стратег не ја крие загриженоста дека овие проблеми можат да придонесат да дојде до целосен колапс на поранешниот европски првак. Тој заедно со целокупниот стручен штаб и со сите ракометари се согласи на намалување на платата за 25%, но ниту тоа нема да биде доволно за спас доколку не бидат пронајдени дополнителни средства во буџетот.

„Јас не дојдов овде поради пари, туку бидејќи препознав проект што го сметав за најдобар и кој донесе резултат со нашата титула во 2016 година. Се уште сум горд што сум тренер на Кјелце, впрочем летово одбив неколку понуди да си заминам бидејќи верувам во овој клуб, во играчите што ги имам на располагање и се надевам дека сите проблеми ќе бидат надминати“ – истакна Душебајев во отвореното писмо објавено во полските медиуми.

Трофејниот стратег ги повика градските власти да ја преиспитаат својата одлука да не му доделат финансиска помош на акометниот клуб, потсетувајќи на сличен пример со шпанскиот Сиудад Реал пред десетина години, клуб што веќе не е присутен на ракометната мапа на Европа.

„Играв за еден од најдобите клубови во светот, во Сантандер, бевме шампиони на Шпанија, го освоивме и првото издание на ЛШ во 1994 година. Потоа имав прекрасен период во Сиудад Реал, мал град од 70.000 жители со титули во АСОБАЛ и во Лигата на шампионите. Имавме проблеми, а градот одби да ни помогне, па на крајот се случи банкрот. Се сретнав со тогашниот Градоначалник пред извесно време, разговаравме и ми призна дека ако може да го врати времето, сега без проблем би ги дал парите што се барале, бидејќи градот без спорт ја загубил својата душа. Искрено се надевам дека градот Кјелце ќе го увиди тоа, па ќе го промени својот став за да не се случи слично сценарио како во Сиудад Реал“ – порачува Талант Душебајев.

 

Се вчитува...