Два пенали, ВАР-одлуки и реми (1-1) против Азербејџан

ЕКИПА во Белек,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше 1-1 против Азербејџан во вториот пријателски натпревар на мини – турнејата во Турција. Два пенали, ВАР – технологија со одлуки и Ричард Алмеида и Александар Трајковски како стрелци на ударите од белата точка. После ремито со Финска, уште еден нерешен резултат за нашиот национален тим, седми меч без пораз, но, сепак, против Азербејџан се очекуваше триумф.

Уште на самиот старт Азербејџан дојде во водство. Стефан Ристовски беше во воздушен дуел со еден противнички фудбалер, а  главниот судија Халис Ускаја покажа на белата точка. Ричард Алмеида успеа да го совлада Столе Димитриевски од 11 метри, иако нашиот чувар на мрежата појде на вистинската страна. По примениот гол, Македонија комплетно ја презеде иницијативата, се закани Тричковски, потоа и Енис Барди од слободен удар, а во 20.минута, беше искористен и ВАР – системот.

Капитенот Горан Пандев беше срушен во шеснаесетникот, на самиот раб, судијата Халис Ускаја покажа слободен удар, но истовремено следеше проверка и со ВАР – технологијата. А Чунејт Чакир, реномираниот ФИФА судија кој раководеше со системот, одлучи дека тоа е пенал за Македонија.

Александар Трајковски во 20.минута успешно го реализира ударот од белата точка, за израмнување на 1-1 и негов десетти гол во националниот тим.

Се играше офанзивно на двете страни, Алмеида подготви шанса за Азервејџан во 28.минута, но во последен момент расчисти Велковски. На спротивната страна, пет минути подоцна АлександарТрајковски во соло продор нанижа неколку противнички фудбалери, го проигра Горан Пандев кој излезе сам пред голманот Агајев, но тој успеа да го скроти неговиот шут.

Во 37.минута, Алашкаров шутираше со глава од десетина метри, но Столе Димитриевски беше на вистинското место.

На полувремето, капитенот Горан Пандев, кој доби еден силен удар, беше заменет, а на негово место во игра влезе Спировски.

Азербејџан имаше одлична можност за водство во 58.минута. Назаров се најде во шанса, шутираше од десетина метри, но Столе Димитриевски фантастично одбрани.

Трајковски се закани од слободен удар во 77.минута, но шутираше над голот на Азербејџан. Марјан Радески во 84.минута имаше одлична шанса, добро беше проигран од Несторовски, а реализацијата беше многу слаба. Шутираше високо над голот.

Стефан Спировски беше следниот кој се обиде од слободен удар од 25 метри, испрати удар по средината на голот, а голманот Агајев боксуваше. Тоа беше се до крајот, Македонија ремизираше и на вториот тест во Турција.

МАКЕДОНИЈА – АЗЕРБЕЈЏАН 1-1 (1-1)

„Мардан Арена“, Белек, Турција. Судија: Халис Ускаја (Турција). Стрелци: Трајковски 20’ (Македонија), Алмеида 5’ пен. (Азербејџан). Ж. Картони: Радески, Ристевски, Спировски (Македонија), Гарајев, Ејубов (Азербејџан).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велковски (81’ Зајков), Ристевски, Николов (69’ Адеми), Барди (58’ Алиоски), Радески, Тричковски (58’ Несторовски), Пандев (46’ Спировски), Трајковски

АЗЕРБЕЈЏАН: Агајев, Гарајев, Медведев, Абдулајев (90’ Махмудов), Алашкаров (69’ Хацијев), Абишов, Јунанов (58’ Гурбанов), Алмеида (78’ Ејубов), Назаров (58’Вердијев), Акундов (76’ Мамадов), Абашов.

Се вчитува...