Два убедливи порази на Металург во Русија

Ракометарите на Металург претрпеа два убедливи порази на стартот од силниот турнир во Русија. Тренерот Стојановиќ ги користи дуелите со квалитетни ривали за да го извлече најдоброто од своите избраници на стартот од подготовките за новата сезона, но првите знаци дефинитивно не се премногу охрабрувачки.

„Металурзите“ турнирот го почнаа со дуел со домаќинот Чеховски медведи, губејќи од рускиот клуб со убедливи 33-23. Македонскиот тим добро парираше во првото полувреме, што заврши со само три гола предност за домаќините (13-10). Сепак, во вторите 30 минути Металург одигра катастрофално во одбраната, прими 20 гола, па двоцифрениот пораз беше неизбежен.

Неполни 24 часа подоцна, Металург денеска излезе на мегдан со уште еден тим од Лигата на шампионите, белорускиот првак Брест Мешков. Ракометарите на Брест немаа мака да ја оправдаат фаворитската улога, доминираа уште во првото полувреме водејќи со 18-10, за на крајот да слави со убедливи 38-26.

Се вчитува...