Двајца Французи ги расипаа трансфер-плановите на Барса

Барселона одлично ја стартуваше сезоната во Ла Лига, но тренерот Куман инсистира да му бидат доведени уште две засилувања за да може каталонскиот гигант да го издржи пеколниот ритам натпревари кога ќе се почне и со средбите од Лигата на Шампионите. Тој се откажа од Вајналдум, но се уште инсистира на Депај од Лион, управата на Барса настојува да го донесе дефанзивецот Гарсија од Манчестер Сити, но плановите ги расипаа двајца француски фудбалери, кои одбиваат да си заминат од „Камп Ноу“.

Првиот е дефанзивецот Тодибо, кој ланската полусезона ја мина на позајмица во Шалке, а Барселона ја договори неговата продажба во Фулам во трансфер вреден 18 милиони фунти. Тоа беше сосема доволна сума за да се покрие доаѓањето на Гарсија, но Тодибо одби да се пресели во овој лондонскиот премиерлигаш. Токму ова е причината поради која последната понуда на Барса за Гарсија била пониска од онаа претходната што Сити веќе ја одбил, каталонскиот гигант нема буџет за трансфери, а во период кога претстои гласање за негова недоверба претседателот Бартомеу не сака дополнително да ја оптоварува клупската смета со долгови.

Дембеле конечно се опорави од проблемите со повредите, делува мотивирано на тренинзите, но Куман упорно му дава предност на Ансу Фати, кој пак максимално ја оправдува довербата на тренерот. Французинот е незадоволен, но не сака да си замине без борба, особено што Барса не сака да прифати едногодишна позајмица во клуб каде би играл и би се докажал пред да се врати на „Камп Ноу“. Личните услови со Депај се веќе договорени, Лион е подготвен да прифати 20 милиони евра за играчот кој следното лето би си заминал без отштета, но Барса не може да понуди ниту толкава сума за да му ја исполни желбата на тренерот и да го доведе неговиот сонародник на „Камп Ноу“.

Се вчитува...