Две скопско-тетовски пресметки: Шкендија против „лавовите“, Вардар на мегдан со Ренова

Две скопско-тетовски пресметки во денешното 29. коло од Првата македонска фудбалска лига. Лидерот Шкендија во Тетово ја пречекува Македонија ЃП, а Вардар во Маџари ќе биде домаќин на Ренова.

Тетовци веќе цврсто чекорат кон одбрана на новата титула. Дуелот со „лавовите“ е нов предизвик за составот на Ќатип Османи од психолошки аспект како начин за одржување на доволната мотивираност до крајот на првенството кое рутински треба да се приведе кон титулата.

Во редовите на Македонија ЃП, пак, по освоениот бод против Академија Пандев има повеќе од доволно мотив за ново надигрување и нови бодови, иако е сосема јасно дека ги чека тешка задача во Тетово.

На дуелот во Маџари, Ренова е таа на која и се повеќе од неопходни бодовите во битката за четвртата позиција и можен европски излез. Стратегот на „гипсарите“, Никола Илиевски – Џиџи, кој поради суспензија нема да го води тимот, вели дека Ренова не се откажува од борбата за четвртата позиција и до крајот на сезоната ќе дадат максимум да стигнат до местото што  ќе води во Лигата на Европа, доколку Академија Пандев го освои Купот на Македонија.

„Одиме до крај да се бориме на секој натпревар. Јас не се откажувам од проектот што го имаме. Имаме добар тим, со добри играчи. На почетокот цел ни беше опстанок, но ни се отворија некои работи и сега имаме шанси да бидеме на крајот четврти на табелата“, вели Илиевски.

ПМФЛ  – 29. КОЛО (денеска, 16 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Скопје: ВАРДАР – РЕНОВА

Кратово: СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ

Кочани: ПОБЕДА – ШКУПИ

Турново: АК. ПАНДЕВ – БЕЛАСИЦА

Се вчитува...