Двобој без куршуми: „Фино“ e, или не… 0-0 со Финска

ЕКИПА во Белек,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија ремизираше без голови против Финска на првиот пријателски натпревар што се одигра на „Глорија Арена“, во Белек, Турција. Тоа е шести меч во серија без пораз за избраниците на Игор Ангеловски, кои ја отворија 2018 година без да ја затресат противничката мрежа. Ќе треба да се подобри играта во офанзива за следниот тест против Азербејџан, на 27.март, кој исто така ќе се одигра во турскиот туристички центар.

Македонија ја имаше првата шанса на мечот. Ристовски во 20.минута, центрираше од десната страна, топката одеше кон петереот каде беше Алиоски во позиција да егзекутира, но Тоивио успеа да расчисти во последен момент. Првиот директен удар кон голот на Храдецки го упати Висар Муслиу во 31.минута. Барди нафрли од слободен удар, Муслиу шутираше со глава, но голманот на Финска успеа да одбрани.

Енис Барди се обиде од слободен удар во 43.минута, но не беше прецизен.

Најубавата шанса за нашиот национален тим се случи во 58.минута. Несторовски беше во акција, топката се одби до Аријан Адеми, кој излезе сам пред голманот Храдецки, но тој успеа да го спаси својот гол со одлична интервенција.

Пет минути подоцна Илија Несторовски изведе слободен удар од 17 метри, но погоди само во живиот ѕид.

Во 76.минута, Финска можеше да стигне до водство. Робин Лод беше во одлична шанса, но за среќа на Димитриевски шутираше крај голот.

До крајот, како и двете селекции да беа незаинтересирани за постигнување погодок, сакајќи сепак да останат непоразени на овој пријателски двобој.

МАКЕДОНИЈА – ФИНСКА 0-0

Стадион „Глорија Арена“. Судија: Мете Калкаван (Турција). Жолти картони: Спировски, Барди (Македонија), Пуки, Ваисанен (Финска).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (90’ Тошевски), Муслиу, Велковски, Ристевски, Алиоски (86’ Радески), Спировски (90’ Зајков), Адеми, Барди (66’ Николов), Пандев (88’ Тричковски), Несторовски (80’ Трајковски).

ФИНСКА: Храдецки, Пиринен, Арајури, Тоивио, Шилер, Соири (68’ Јагуби), Лод, Спарф, Ваисанен, Пуки, Похјанпало (48’ Пелвес).

Се вчитува...