Двоен проблем за Милан по октомврискиот прозорец

Октомвриските квалификации донесоа сериозни проблеми за Милан откако двајца важни првотимци заработија повреди по кои ќе мора да паузираат извесен период од терените.

Кристијан Пулишиќ е најдобар стрелец во Серија А со четири гола сезонава, но американскиот офанзивец ќе мора да одмори во наредните две седмици по повредата заработена на последниот дуел за американската репрезентација. Во прв момент се чинеше дека проблемот е сериозен, деталните прегледи покажаа дека мускулот сепак не е искинат, но Пулишиќ сепак ќе мора да паузира најмалку 15 дена.

Уште посериозна е дијагнозата на Адриен Рабио откако францускиот играч за врска се здоби со незгодна повреда и ќе биде надвор од терените најмалку еден месец.

Милан моментно се наоѓа на третото место со два бода заостанување зад Наполи и Рома, а „росонерите“ викендов ги очекува дуел на домашен терен против Фиорентина.

Се вчитува...