Е. Пелистер потврди: Ивиќ заминува од Битола

Македонскиот ракометен првак Е. Пелистер ги потврди најавите дека Филип Ивиќ летово ќе го напушти битолскиот клуб. Српските медиуми веќе најавија дека Ивиќ е договорен летово да се пресели во Војводина, што се потврдува со денешната објава на битолчани дека Хрватот во наредната сезона нема да биде дел од „зелено-белите“.

Тој пристигна како големо засилување за Пелистер, но остана во сенка на одличниот Никола Митревски. Слабите настапи во финишот од сезоната придонесоа поголема минутажа да добие младинскиот репрезентативец Давид Брестовац, по што беше и донесена одлуката за предвремен прекин на соработката иако Хрватот имаше уште една година од актуелниот договор со „пелистерци“.

„РК Еурофарм Пелистер и ракометарот Филип Ивиќ постигнаа спогодбен договор за прекин на соработката една година пред истекот на договорот. Хрватскиот голман минатото лето пристигна во Битола од Шамбери, настапуваше во Лигата на шампионите и го освои трофејот од шампионатот на Македонија.

Клубот му се заблагодарува на Филип Ивиќ за професионалниот пристап и за придонесот во успешната сезона. Му посакуваме успех во следниот предизвик во кариерата“, објави актуелниот првак на Македонија.

Се вчитува...