Еден Бразилец си оди, друг доаѓа во Челси

Челси го договори Кристијан Пулишиќ како засилување за наредната сезона, а лондонскиот клуб ја интензивира потрагата по уште некое врвно засилување. Причината е јасна – стравувањата на „сините“ дека ќе останат без своите клучни фудбалери од оваа сезона, Еден Азар и Вилијан. Азар е многу блиску до преселба во Реал Мадрид, за што наводно има добиено и ветување од Роман Абрамович дека трансферот нема да му биде блокиран, а лесно може да се случи по негови стапки надвор од „Стемфорд бриџ“ да тргне и Вилијан.

Бразилецот не е премногу импресиониран од стилот на игра што го преферира Сари и јасно ставил до знаење дека нема намера да потпише нов договор со лондонскиот клуб. Челси засега не планира да го продаде, но доколку пристигне интересна понуда во текот на летото ситуацијата може да се промени. Во прилог на „сините“ оди фактот дека за Вилијан најзаинтересирани се челниците на Барселона, па премиерлигашот може да го искористи тоа за да го доведе Филипе Кутињо назад во Англија.

Екс-играчот на Ливерпул не ги оправда очекувањата во Барса и на крајот од сезонава ќе биде продаден. Кутињо вреди повеќе на пазарот од Вилијан, така што Челси може да го искористи својот Бразилец за да доведе друг член на „кариоките“ на „Стемфорд бриџ“, со доплата од околу 30 милиони евра.

Се вчитува...