Едгар Давидс: Рашфорд и Марсијал ќе го урнат Ајакс во финалето

Стокхолм вечерва (20.45 часот) ќе биде во фокусот на фудбалска Европа и домаќин на финалето во Лигата на Европа, во кое силите ќе ги одмерат Манчестер јунајтед и Ајакс. Искуството на Јунајтед против младоста на Ајакс, огромниот буџет на „црвените ѓаволи“, наспроти дијамантите на холандскиот клуб од сопствената академија.

Кој е во предност, кој е поблиску до освојување на пехарот?! Медиумите во Холандија го прашаа легендарниот играч за врска, Едгар Давидс.

„Јас ова финале би го нарекол ’игра на мажите против момчињата’. Мурињо има на располагање силен тим составен од прекалени интернационалци, а во Ајакс играат момчиња кои тукушто станаа полнолетни. Не е Ајакс без шанси, но, сепак, Манчестер јунајтед е фаворит. Не сум сигурен дека одбраната на Ајакс ќе има одговор за брзите напаѓачи на англискиот тим, Рашфорд и Марсијал. Тие можат да бидат клучни. Јасно е дека Мурињо ќе го обезбеди прво својот гол, а ќе бара шанса за погодок токму со брзите напаѓачи. Тоа Ајакс мора да го предводи и да смисли противигра“, анализира Едгар Давидс.

Победникот во финалето на Лигата на Европа идната сезона ќе обезбеди учество во Лигата на шампионите. Ајакс тоа го стори и преку холандското првенство, завршувајќи на втората позиција, но ова е последна шанса за Манчестер јунајтед да се најде во елитното европско клупско натпреварување.

Се вчитува...