Една екстра четвртина пресудна за победа на Еуро Никел во натпреварот на 17. коло

Еуро Никел го доби натпреварот на 17. коло откако славеше против Феникс 2010 со 78-69 во „Јасмин“. Клучна за победата на избраниците на Самарџиев беше втората четвртина која ја отслика лошата реализација и пропустите во одбраната на гостите кои искусните домашни кошаркари знаеја да ги искористат за предност од 24 поени, а и покрај тоа што избраниците на Дервишевиќ благодарение на зонската одбрана успеаја да се вратат во игра во второто полувреме, истото беше предоцна за целосен камбек.

Во неефикасното отварање на натпреварот на двата тима Феникс 2010 беше оној кој имаше блага иницијатава благодарение на тројките на Петков, но како што одминуваа минутите Еуро Никел успеа да го превземе водството со добра игра во рекетот. Домаќините умешно ја користеа предноста во висина, а и покрај тоа што гостите беа оние кои го контолираа скокот, скопјани не успеаа да реализираат по офанзивните скокови па имаа негатива од 27-19 по 10. минути игра. Еуро Никел продолжи да го диктира темпото и во втората четвртина во која Феникс 2010 целосно потфрли во реализацијата. Промашените обиди знаеше да ги искористат искусните кошаркари во „сино-бело“ кои стигнаа до двоцифрена серија со која ја зголемија предноста на 54-30 на полувремето.

Феникс 2010 успеа да ги консолидира редовите на полувремето па влезе далеку подобро во вториот дел од натпреварот. „Виолетово-жолтите“ успеаја да го заштитат рекетот и го приморија домашниот тим на обиди од полудистанца и три поени со кои го лимитираа Еуро Никел на само девет постигнати поени во третата четвртина, а да реализираат во противничкиот рекет за негатива од 63-48 пред последните десет минути. Зонската одбрана на Феникс 2010 беше клучен фактор на натпреварот и во нив, а гостите продолжија да ја топат негативата. На 39 секунди по поените на Хот истата изнесуваше 74-67, но мирната рака на Балмазовиќ не дозволи надеж за натпревар на еден посед.

Со по 16 поени Гавриловиќ и Балмазовиќ беа лидери на Еуро Никел, додека со 18 поени гостите ги предводеше Петков.

Се вчитува...