ЕДНА ИСТОРИЈА, БЕСКРАЈНА ИНСПИРАЦИЈА – Меси, Роналдо и Модриќ – 20 години магија која трае!

Кога во јуни 2006 година стартуваше Светското првенство во Германија, малкумина можеа да претпостават дека тројца млади фудбалери почнуваат тогаш да ја испишуваат една од најголемите приказни во историјата на спортот. Денес, дваесет години подоцна, Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Лука Модриќ повторно се дел од најголемиот фудбалски спектакл – Светското првенство 2026 во САД, Мексико и Канада.

Во свет каде што фудбалските кариери ретко траат нешто повеќе од една деценија на највисоко ниво, овие тројца великани успеаја да останат максимално конкурентни цели 20 години со настап на дури шест светски првенства.

Лионел Меси – магијата што трае

ФОТО: X/Selección Argentina in English

Во Германија 2006, тогаш 18-годишниот Лионел Меси беше почна да го освојува светот. Го постигна својот прв гол на Мундијалите. Дваесет години подоцна, Аргентинецот е светски шампион, освојувач на осум „Златни топки“ и фудбалер кого многумина го сметаат за најдобар во историјата.

На светските првенства Меси има одиграно повеќе од 30 натпревари и постигнато над десет голови. Рекордер по број на настапи на Мундијалите и единствен играч кој постигнувал голови на четири различни светски првенства. Со титулата во Катар 2022 ја комплетираше својата колекција на трофеи и го оствари најголемиот сон на секој аргентински фудбалер.

Кристијано Роналдо – симбол на дисциплината

фото: Facebook/ Cristiano Ronaldo

Кога Португалија го освои четвртото место во Германија 2006, Кристијано Роналдо имаше само 21 година. Денес тој е еден од најголемите голгетери што некогаш се појавиле на фудбалските терени.

Роналдо е првиот фудбалер во историјата кој постигнал барем еден гол на пет различни светски првенства. Во кариерата има над 900 официјални голови за клуб и репрезентација, повеќе од 200 настапи за Португалија и неброни рекорди во европскиот и светскиот фудбал.

Неговата посветеност кон фудбалот, каква не е забалежана досега, и физичката подготвеност му овозможија и на 41-годишна возраст да биде дел од најголемата светска сцена. И натаму национална икона, и во 2026 година, патот на Роналдо претставува пример за генерации спортисти.

Лука Модриќ – маестро од средниот ред

фото: X/ HNS_CFF

За разлика од Меси и Роналдо, Лука Модриќ никогаш не е препознатлив по некои спектакуларни статистички бројки. Но, неговото влијание врз играта е огромно.

Во 2006 година дебитираше на Светско првенство како млад хрватски играч со голем потенцијал. Две децении подоцна тој е капитен, лидер и најголем фудбалер во историјата на Хрватска.

Модриќ ја предводеше Хрватска до историското финале на Светското првенство 2018 во Русија, каде беше прогласен за најдобар играч на турнирот, а таа година ја освои и „Златната топка“. Со тоа ја прекина децениската доминација на Меси и Роналдо во изборот за најдобар фудбалер во светот.

Со повеќе од 180 настапи за хрватската репрезентација и бројни трофеи со Реал Мадрид, вклучувајќи повеќе титули во Лигата на шампионите, Модриќ останува пример за интелигенција, техника и лидерство.

Заедничката приказна

Меси, Роналдо и Модриќ заедно имаат:
– повеќе од 3.000 официјални натпревари,
– повеќе од 1.500 постигнати голови,
– над 500 асистенции,
– 14 освоени „Златни топки“,
– десетици титули во национални првенства,
– повеќе од 15 титули во Лигата на шампионите,
– и настапи на шест различни светски првенства.

Од Германија 2006 до Северна Америка 2026, тие преживеаја генерации фудбалери, променија епохи и останаа меѓу најдобрите. Додека многу нивни современици одамна ја завршија кариерата, тие сè уште го носат дресот на своите земји во битката за најголемите трофеи.

Легенди кои ја надживеаја својата генерација

Светското првенство 2026 не е само уште еден турнир за Меси, Роналдо и Модриќ. Тоа е прослава на една незаборавна ера во светскиот фудбал.

Од млади таленти во Германија 2006 до живи легенди во САД, Мексико и Канада 2026, тие покажаа дека вистинската големина не се мери само со трофеи и рекорди, туку и со способноста да останеш на врвот две децении.

Меси, Роналдо и Модриќ не се само фудбалери. Тие се симболи на една генерација и херои на модерниот фудбал, чии имиња ќе останат запишани со златни букви во историјата на светскиот фудбал!

Се вчитува...