Едриличарска регата на „Акватика Јахтинг“ со силен еко-повик: „Заедно за иднината на езерото“

Како никогаш досега во изминатите години, околу 30 едрилици во три натпреварувачки класи вчера запловија на Охридското Езеро на едриличарската критериска регата „Заедно за иднината на езерото“.

Регатата во организација на  едриличарскиот клуб „Акватика Јахтинг“ од Охрид, кој е осамен борец за враќање на водените еко-спортови на Охридското езеро, и Едриличарска федерација на Македонија и Агенцијата за млади и спорт, а поддржана од градот Охрид и Сава пензиско друштво и Сава осигурување, ги потенцираше заедничките заложби на организаторите да се заштити езерото од испуштање на загадувачки материи, со силен еко-повик и за заштита на живиот свет.

На регатното поле се натпреваруваа едриличари во три класи, најмалата и најбројната класа „Оптимист“ во која беа 18 едрилици, класата „Ласер 4-7“ со пет натпреварувачи и „Двосед“ класата 470 со четири пријавени едрилици од ЕК „Акватика Јахтинг“ од Охрид и ЕК „Снегар“ од Струга.

Првиот човек на Здружението за спортско едрење „Акватика јахтинг“, Стефан Ставрев потенцира дека младите се поинтензивно се впуштаат во едрењето како олимписки спорт, но е неопходно далеку поголема поддршка од државата и надлежните институции.

„Се натпреваруваа 18 натпреварувачи во најбројната класа, класата Оптимист. Во оваа класа учесници има од двата клуба, гостите од Струга од едриличарски клуб „Снегар“ и домашните „Акватика Јахтинг“. Мора да напоменам дека тоа се деца кои цело лето напорно тренираа во водите на Охридското Езеро и имаме и следни регати кои понатака ќе се бодуваат за репрезентација според календарот на Едриличарска федерација. Во класата „Ласер 4-7“ настапија од двата клуба вкупно пет натпреварувачи, првпат после долго време оваа класа почнува да функционира, а од  класата „Двосед 470-ка“ шест натпреварувачи“ – истакна претседателот на „Акватика јахтинг“, Стефан Ставрев.

Најдобрите македонски едриличари, согласно резултатите постигнати на натпреварувачките регати оваа сезона, се очекува да настапат и на претстојниот Балкански шампионат кој треба да се одржи од 1 до 10 септември, но сето тпа во зависност од ситуацијата со ковид-пандемијата.

Критерските регати се организираа цело лето и се бодуваа за да се создаде репрезентација во едрење, која би настапила, доколку дозволат условите со ковид-пандемијата, на Балканскиот шампионат што обично се одржува во септември. Горд сум што ова лето, почитувајќи ги сите предвидени мерки за заштита, успеавме да организираме неколку Критериски регати. Освен натпреварувачкиот карактер, ние воедно се грижиме и секојдневно работиме да го зачуваме и заштитиме Охридското езеро и да имаме помалку пловни објекти кои го загадуваат – рече претседателот на Едриличарската Федерација на Македонија, Будимир Соколовиќ.

Се вчитува...