Ефес прв го најде лекот за Валенсија, рутински триумф на Монако

Анадолу Ефес ја забележа втората евролигашка победа сезонава откако славеше над Валенсија со 77-73. Шпанскиот тим допатува во Истанбул до перфектни 3-0 од стартот на сезонава, гостите имаа и плус девет во третата четвртина (41-50), но Ефес успеа да се врати, а потоа во финишот и да стигне до победата.

Ларкин одигра одличен меч за Ефес со 16 поени, осум скока и шест асистенции, а по тринаесет поени реализираа Американците Клајбурн и Томпсон.

Монако рутински ја оправда фаворитската улога против Алба, славејќи со 86-75 над гостите од Берлин, кои остануваат без триумф и по оваа евролигашка рунда. „Кнезовите“ уште во првото полувреме стигна до двоцифрено водство, Алба се обидуваше со удари од далечина да се врати резултатски, но Монако не дозволи такво нешто ја забележа втората победа во низа.

Она што е интересно, сите дванаесет кошаркари од ростерот на Монако се запишаа меѓу стрелците, а двоцифрен ефект имаше само Мајк Џејмс со 17 поени, надополнети со седум асистенции. Кај Алба најефикасни беа Томас со 17 и Браун со 15 поени.

Се вчитува...