Егзум и Вилдоза ќе бидат соиграчи во следната сезона

Данте Егзум од Партизан и Лука Вилдоза од Црвена Звезда се лути ривали во големото финале од АБА-лигата, но австралискиот и аргентинскиот ас би можеле да станат соиграчи од наредната сезона, и тоа во дресот на Панатинаикос. „Зелените“ од Атина долго се мачат да направат чекор напред во Евролигата, а газдите на клубот се надеваат дека со доаѓањето на Ергин Атаман од Ефес за нов тренер конечно ќе се атакува и на трофејот во елитното европско натпреварување.

Раководството на клубот му ветило на турскиот тренер и сериозен буџет за засилувања, а на врвот на листата со желби се наоѓаат токму Егзум и Вилдоза. Според грчките медиуми договорот со Аргентинецот е постигнат уште пред два месеци, досега беше споменувано дека ПАО го бара и Кевин Пантер, но последните информации говорат дека на врвот на листата со желби е Егзум.

„Данте Егзум е прва желба на ПАО за позицијата плејмејкер. Тоа е доволен доказ за високите амбиции што тимот ќе ги има во новата сезона. Егзум дојде во Партизан минатото лето од Барселона и од самиот старт на сезонава е меѓу најважните играчи кај Жељко Обрадовиќ“, пишува грчкиот новинар Толис Коцијас.

Останува да се види дали овие најави ќе се реализираат и Партизан и Црвена Звезда ќе останат без овие важни играчи за наредната сезона. Кај Партизан се најавува и заминување на Пантер и на Лесор, додека Црвена Звезда дефинитивно ќе остане и без Кампацо, а се најавува и трансфер на Добриќ во редовите на Виртус Болоња.

Се вчитува...