ЕХФ: Десет причини зошто Вардар ќе стане европски првак

Се ближи фајналфор турнирот во Келн, а ЕХФ во пресрет на големиот настан објавува анализи со по десет причини зошто секој од учесниците на Ф4 би се искачил на тронот на европскиот ракомет. На ред дојде и Вардар, кој според новинарите во европската куќа на ракометот има солидни адути во битките во „Ланксес Арена“.

Ова се десетте причини зошто Вардар ќе се закити со европската титула…

1. Формат на натпреварување

Благодарение на СЕХА, „вардарци“ се навикнати на учества на фајналфор турнири, чии редовни учесници се со години наназад. „Црвено-црните“ знаат што значи да се играат два тешки натпревари во рок од 24 часа, впрочем неслучајно се најтрофеен клуб во СЕХА со пет титули во регионалното натпреварување.

2. Тимур Дибиров

Левите крила никогаш не стареат, прашајте ги Сигурдсон и Дибиров. Искусниот Русин се уште е едно од најефикасните оружја на Вардар, познат по украдените топки во одбраната. „Господин Контра-напад“ ја има и една од најбогатите колекции на „спин-шутеви“ во светот на ракометот.

3. Повторување на историјата

Во 2017 година Вардар пристигна во Келн како аутсајдер, најмногу поради фактот дека во полуфиналето требаше да се сретне со најтрофејниот клуб Барселона. „Црвено-црените“ со гол во последната секунда ги победија шпанските фаворити, по што добија дополнителна енергија за во финалето да го победат и ПСЖ. А во 2019? Повторно во полуфиналето играат со фаворитот Барселона.

4. Влијанието на „Ел Команданте“

Иако многу играчи си заминаа минатото лето заедно со тренерот Раул Гонзалес, „ел команданте“ се уште важи за „татко“ на овој тим на Вардар. Препорачан од Талант Дуешбајев, Вардар го ангажираше Раул, а Шпанецот ја изгради базата за успехот. Тој со ПСЖ не успеа да стигне до билет за Келн, но Вардар ќе се стори се за да стигне до трофејот, за себе и за поранешниот тренер.

5. Стојанче Стоилов

Моќниот пивот е многу повеќе од капитен, тој е лидер на воините, „храброто срце на фалангата“. Стоилов никогаш не се предава, тој е мотиваторот, силата на тимот. Дури и кога еден ден нема повеќе да игра ракомет, тој ќе продолжи да го носи дресот на Вардар.

6. Тренерот Парондо

Роберто Гарсија Парондо делува како да има магични раце. Кога си заминаа врвни ѕвезди како Штербик, Циндриќ, Канелјас… а тој со новиот тим на Вардар успеа да стигне до нов фајналфор, јасно е дека голем дел од заслугите одат кај шпанскиот стратег.

7. Дејан Милосављев

Голманите се клучни во битките за трофеите, а Вардар во своие редови има голем адут кој нема трема на големите натпревари. Милосављев го наследи големиот Арпад Штербик во голем стил. По неговите настапи против Загреб и Сегед, младиот Србин во Келн ќе ги игра најголемите натпревари во кариерата.

8. Навивачите во Скопје

Играчите од екипата што тигна до титулата во 2017 година се потсетуваат на црвено-црната парада низ Скопје и херојскиот дочек за екипата. Тие спомени сигурно ќе бидат мотив повеќе за нова круна и нов дочек во Скопје.

9. Игор Карачиќ

Ракометниот генијалец сака да си замине со нова титула. Неговите голови и асистенции го отворија патот кон Келн, а најголемото шоу на наследникот на Лука Циндриќ допрва следи.

10. Несигурната иднина

Приказната на Вардар ќе продолжи, тоа е сигурно, но не се знае дали повторно ќе има можност да стигне до Келн. Никој не знае. Ова може дабиде последната голема забава на големата сцена. А тоа е најголема можна мотивација за Стоилов и соиграчите.

Се вчитува...