ЕКИПА ги претставува кошаркарските прволигаши – Еуро Никел

Еуро Никел ја започна сезоната 2021/22 како вицешампион, а по турболенциите не успеа да го повтори успехот. Во новата сезона трикратниот шампион повторно ќе цели на висок пласман, а дали овој пат ќе ја надмине претпоследната пречка останува да видиме.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ ЗА СЕЗОНА 2021/22 – ТОП 4

Сезоната 2021/22 го извлече најдоброто што можеше од Еуро Никел. Кавадаречкиот тим влезе во истата како вицешампион, го задржа концептот на игра и искусните играчи, но сепак го немаше потребниот рецепт за повторување на успехот.

„Ударната сила“ на тимот Рикиќ-Дубински не доби адекватна замена, очекувањата беа големи за Самарџиски, но поранешниот репрезентативец не успеа да го преслика учинокот на Хрватот, а и покрај тоа што американскиот плејмејкер се врати во тимот на трикратниот шампион му недостасуваше свежина за триумфално полуфинале против реално посилниот Пелистер.

Недостатоците на Еуро Никел се гледаа и во регуларниот дел од првенството и Суперлигата каде од одрази и пензионирањето на Јане Петровски, а во полза не беше ниту повредата на Кирил Николовски па и кавадарчани кои стравуваа за место меѓу најдобрите шест тима, на крајот треба да се пресреќни што повторно се најдоа меѓу најдобрата четворка.


ПРЕДВИДЕН ФИНИШ – Топ 4

Во новата сезона Еуро Никел повторно ќе го има еден од најискусните состави, ако не е и најискусниот. Задржувањето на костур кој веќе неколку сезони настапува заедно ќе донесе стабилност и ново место меѓу најдобрите тимови.

А, како ќе одговори кавадаречкиот состав во разигрувањето за титула останува да видиме. Реално е избраниците на Самарџиски да се најдат во полуфиналето, но дали оваа сезона ќе имаат и сили за финале против сериозните тимови кои претендираат за титулата многу ќе зависи од кој ќе биде противникот во последната пречка.

Промени во составот

Заминаа: Џексон Дубински, Џордан Калахан, Обрад Томиќ, Предраг Самарџиски

Пристигнаа: Јуре Планиниќ, Марјан Младеновиќ

Останаа: Дарко Соколов, Ивица Димчевски, Лука Стојановски, Никола Караколев, Кирил Николовски, Бранислав Џекиќ, Тодор Златев

Еуро Никел ќе ја игра една од последните сезони во добро познат состав. Соколов (36), Караколев (35), Младеновиќ (35), Николовски (34), Димчевски (33) се во залезот на карирерата и заминувањето на бар еден од нив многу ќе значи за тимот како што беше случајот и претходната сезона со Петровски. Дали ќе сме сведоци на нов „последен танц“ не е сигурно, но е можност која не се исклучува.

Но, искуството кое го имаат овие играчи со сигурност ќе донесе стабилнсот во тоа што следи. Останувањето на костурот на тимот значи дека Еуро Никел повторно ќе претендира за висок пласман, но во тој поглед треба да одговорат и Стојановски, Златев и Планиниќ кои се задолжени за свежина во долгата сезона и очекувата од нив се големи.

Останува отворена можноста за ангажман на уште двајца странски кошаркари, а дали ќе се одлучи раководството на тимот за овој потег во текот на сезоната останува да видиме.

Не се исклучува можноста за турболенции во текот на сезоната, така беше и претходно кога кавадарчани не започнаа најдобро, но одговорија искусно во натпреварите кои беа пресудни.

Се вчитува...