ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ИНА СТЕФАНОВСКА: Жално е за Македонија што „Work and travel“ е главен извор на средства за бадминтон играчите!

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобриот бадминтон играч во Македонија Ина Стефановска отворена за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера и очекувањата во следниот период. Говоревме и за условите за бадминтон во Македонија во споредба со тие во светот. 

Специјално за ЕКИПА.МК откри дека финансиите се најголем проблем за еден бадминтон играч во нашата земја. На секој турнир е „One man show“, а најголем приход на финансии и е „Work and travel“ и патувањата во САД во текот на летото. 

Стефановска открива и за нејзината пасија кон планините и кои се работите кои што ја исполнуваат кога не тренира бадминтон. Како што вели сака да слуша музика, свири гитара, а книгата најчесто е нејзиниот најдобар пријател. 

==========================================================================================================================

Како една девојка во Македонија се одлучува за бадминтон?

Уште од мала сум заљубена во спортот општо. Како дете бев „машкоданка“ неверојатна. Играв со децата во маало фудбал и бев една од подобрите. Можеби ќе можев да направам и фудбалска кариера. Многу сум хиперактивна. Се почна со мојата најдобра другарка. Нејзиниот татко е во бадминтонот цел живот. Неразделни сме од деца и така решив да заминам на тренинг со неа. Првпат кога влегов во сала и кога земав рекет имав 7 и пол години и некако веднаш ме привлече спортот и веројатно сум знаела дека тоа ќе биде мојата пасија цел живот.

НЕМАМЕ НИКАКВИ УСЛОВИ ЗА БАДМИНТОН ВО МАКЕДОНИЈА. ТРЕНИРАМЕ НА ПОДЛОГА КОЈА Е ЛИЗГАВА, ШТО Е КАТАСТРОФА ЗА НАС КАКО СПОРТИСТИ!

Какви се условите за бадминтон во Македонија?

Бадминтонот иако изгледа многу едноставно, е премногу комплексен спорт. Спорт во кој ги користиш буквално сите делови од телото. Од глава, до нозе. Се случувало по подолга пауза да се чувствувам како првпат да фаќам рекет во рака. Значи физички сум активна во тој период, од типот, трчање, фитнес, планина, но доколку не тренираш редовно губиш чувство за играта. Буквално секоја група на мускули ти е активирана. Мора да имаш силни стомачни мускули, но и нозете мора да те држат цел час. Треба многу голема посветеност и ми се допаѓа тоа што сум хиперактивна, а бадминтонот е интензивен спорт. Еден период трениравме во Борис Трајковски каде условите за бадминтон беа совршени. Токму тоа што ни треба. Во главната сала покрај трибините трениравме на подлога која што не е лизгава и беше идеална за нас. Во училишните сали тренираме на паркет, а тој сам по себе е многу лизгав што е катастрофално за бадминтон. Им пречевме на другите многу се биле гласни додека играме и не избркаа од Борис Трајковски. Тоа е на кратко да се знае за условите за бадминтон во Македонија. Проблемот во Македонија е тоа што не се вложуваат воопшто средства во малите и поединечни спортови. 10 отсто од средствата што се вложуваат во големите спортови, како фудбал, кошарка, ракомет да се вложуваат во на пример во бадминтонот јас сум сигурна дека ќе имаме олимписка норма на секои ЛОИ. Проблемот е што кај нас прво се бара да направиш успех, па дури тогаш можеш полесно да најдеш спонзори. Но, во професионалниот спорт многу е тешко без финансии да направиш добри резултати. 

„WORK AND TRAVEL“ МИ Е ГЛАВЕН ИЗВОР НА ФИНАНСИИ… 

Трошоците се многу големи за секој турнир. Како се снаоѓаш за финансии и кој е твојот главен извор на средстав?

Две лета пред пандемијава бев на „Work and travel“ во САД, бидејќи ми е најдобра опција за да заработам пари како во тек на сезона би можела да настапувам на колку можам повеќе турнири. Тоа е судбината на човек што се занимава со бадминтон во нашата земја. Многу е тешко да дојдеш до спонзор и поради тоа мораме да се снаоѓаме на секој можен начин. Планирав и минатото лето да заминам за САД, но поради пандемијата сето тоа пропадна. Во тој период немаш многу време за тренинг и за играње, бидејќи во САД бадминтон најмногу се тренира во Лос Анџелес, а јас бев во Масачусец и Вајоминг. Сепак, успеав да отидам на три дена до ЛА каде тренирав со локален американски тим и тоа исто е големо искуство за мене. Им бев своевидна атракција бидејќи до тогаш ниту еден странец не им дошол и изразил желба за тренинг со нив. Бев премногу среќна.

Во Македонија бадминтонот не е многу развиен. Каква е ситуацијата во околина и во останатите земји на Балканот?

Да не одиме подалеку на Балканов е многу развиен бадминтонот. Бугарија и Турција имаат голема традиција и навистина многу вложуваат во него. Бугарите имаат бадминтон двојка, две девојки кои во игра на двојки се во топ 10 во свет. Навистина тешко е дури и на тие балкански првенства да се стигне до медал. Сите земји имаат сопствени сали за бадминтон, нешто што кај нас е мисловна именка. Еден од соновите кои сакам да ги остварам е да помогнам колку можам во мојот живот да го развијам мојот спорт во Македонија. Па еден ден зошто да не и ние да имаме сала за бадминтон, а не да тренираме како кираџии по училишни сали.

НА ТУРНИРИТЕ ВО СВЕТОТ СУМ „ONE MAN SHOW“ 

На турнирите патуваш сама. Како го поминуваш тој период и колку ти недостасува тоа што немаш поддршка како играчите од поразвиените земји кои имаат цел тим зад себе?

На сите турнири патувам сама бидејќи голем трошок е да одиме поголем тим. Тренерот Ратко Штерјовски е секогаш тука за мене од психолошки аспект, но поради големите трошоци на турнири сум „One man show“. Искрено со тек на време се навикнав да патувам сама, да бидам по хотелски соби сама, но искрено во тек на натпревар многу недостига да имаш помош од тренер. Ти си на терен и не можеш додека трае мечот сам да оцениш кои ти се грешките. Многу мои противници на турнирите на паузите тотално ја менуваат тактиката против мене откако нивите тренери ќе им сугерираат за моите мани и слабости. Многу голема разлика е меѓу нас балканците и некои други земји во светот на турнирите. На пример ние коа ќе се собереме тоа е неверојатна дружба и бодрење бидејќи сме и помали тимови. Има некои натпреварувачи кои се како машини. Доаѓаат играат, победуваат или губат завршува мечот и не можеш повеќе да ги видиш. Според мене треба да има баланс. Треба да бидеш посветен на играта и додека си во меч и пред него да бидеш 100 отстотно посветен на тоа, но убаво е да има дружба меѓу натпреварувачите по завршувањето на натпреварите. Порано кога одев сама ми беше срам да искочам да шетам. На натпревари спијам по хостели, бидејќи сфатив дека се далеку поевтини од хотелите. Имав турнири во Виена и Братислава кои се половина час разлика. Во Виена запознав дечко Шпанец и двајца Грци. Заврши турнирот во Виена, отидов во Братислава и дечките кои што ги запознав во хостелот во Виена дојдоа да ме поддржуваат на турнирот во Братислава. Беше навистина интересна приказна бидејќи луѓе кои туку што ги запознав беа подготвени да дојдат и да ме поддржат на еден турнир. Многу познанства се шират на вакви патувања и навистина се учат работи кои се поголеми од спортот. Имам многу приказни од патувањата на турнири, но и многу нови пријателства.

Како го издржа периодот на карантин кога сите спортови беа стопирани и не можевте редовно ниту да тренирате ниту да се натпреварувате?

Сакам да бидам меѓу луѓе, сакам да сум надвор во природа. И колку и да сум хиперактивна и сакам да се дружам, некогаш сакам да бидам сама и да си посветам време за себе. Читањето книги ме исполнува и тој период ми се погоди многу за одмор, но и за опоравување од повредата на грбот која ја заработив непосредно пред почетокот на пандемијата. Станав креативна многу тој период. Снимав видеа со некои интересни бадминтон потези како палење светло и погодување во корпа за отпадоци. Беше тешко што во времето на пандемијата не можевме да тренираме и кога се вративме во сала по пауза од три, четири месеци бев најсреќниот човек во свет. Одам накај сала на првиот тренинг и се смеам како да не сум арна и едвај чекав да почнам да удирам најсилно и најдобро што можам. Премногу бев возбудена, претходната вечер не можев ниту да спијам.

Голем дел од спортистите имаат свои ритуали пред мечевите. Дали ти имаш свои и кои се тие?

Пред мечеви сакам да слушам музика. Најчесто американски хип-хоп. Со одврзани врвци одам на страна далеку од сите. Се загревам и го визуализрам мечот. Сето ова се случува еден час пред меч. Во меѓувреме зимам некое чоколатце за енергија и го чекам мечот. Немам некои посебни ритуали, освен тоа што сакам да се исклучам од сите пред натпревар и само да го визуализирам мечот што ме очекува. Само слушалките на уши, одвразни патики и во глава го одигрувам целиот меч кој ме очекува. А, потоа си доаѓа се само по себе бидејќи ме водат нозете и срцето.

Кои се твоите цели за следниот период?

Во следниот период главна цел ми е да учествувам на што можам повеќе меѓународни турнири како би освојувала што повеќе поени со кои ќе напредувам на светската ранг листа. Во моментов сум околу 500 место на листата, а како најголема цел ми е пласман еден ден во топ 100 со што би било исполнување на мојот најголем сон обезбедување норма за учество на Летни олимписки игри. Имав големи цели за лани. Бев во одлична форма, но пандемијата малку ги уништи работите. Пред нова година требаше да играм на силен турнир во Истанбул, но поради пандемијата, Турците во последен момент одлучија да го откажат турнирот. Проблем е во тоа што поради сите рестрикции што се во светот и коронавирусот, две недели пред турнир дознаваме дека тој нема да се одржи и многу е тешко за да се подготвиме сто отстотно. Искрено не ми е цел да сум најдобра во Македонија. Цел ми е да бидам најдобра во свет колку и да звучи тоа нереално. Во Македонија уште од дете ги победувам сите и сега одам чекор по чекор за поголеми успеси. Целта лани ми беше да влезам во топ 300, но поради пандемијата се тоа се одложи. Сепак, млада сум имам 23 години и се уште е пред мене долга кариера во која ќе повторам најголема цел ми е да бидам меѓу најдобрите 100 во светот и со самото тоа да бидам многу блиску до учество на Летни олимписки игри. Сум била на медитерански и европски игри и едноставно за мене тоа е исполнување на сите соништа. Бев воодушевена тој период. Бидејќи и кога ќе заврши твојот настап одиш на трки пливање, атлетика, натпревари во сите спортови и ги следиш нашите натпреварувачи. Тој период си заедно со сите спортисти на едно место, запознаваш нови луѓе и најважното ја претставуваш својата земја меѓу најдобрите спортисти во светот. Цел ми е да бидам дел од ЛОИ во 2024 во Париз.

Студент си на економскиот факултет. Колку имаш време и за студии покрај бадминтонот?

Покрај бадминтонот студирам на економски факултет. Четвртта година сум и се надевам дека набрзо ќе го завршам факултетот. Бадминтонот ми одзема многу време и паузава која ја имавме со пандемијава ми помогна и да успеам да положам неколку испити кои поради кариерата малку ги запоставив. Бадминтонот секогаш ќе ми биде прва љубов, но во Македонија не можеш да бидеш само професионален спортист и секогаш мора да имаш уште една професија, бидејќи најпросто кажано не се живее само од спорт. Средно завршив во „Орце Николов“ и како една од личностите на кои сакам да им се заблагодарам е професорот по македонски јазик Душко Стојановски кој сите кои имаат завршено во „Орце“ знаат како треба да изгледа еден професор во Македонија.

ЈА ОБОЖАВАМ ПЛАНИНАТА, СЛЕДНА ЦЕЛ МИ Е УЧЕСТВО НА „ТРЕИЛ ТРКА“ 

Како го користи Ина Стефановска своето слободно време? Што ја смирува и што ја исполнува кога не тренира?

Во слободно време сакам да читам книги, свирам гитара. Не сум некој страшен гитарист или пак пејач, но за своја душа секогаш сум подготвена да отсвирам интрото на „Smoke on the water “ и „Nothing else matters “. Обожавам да одам на планина. Некако се навлегов на планините и уживам кога ќе искачам некој врв. Како што кажав и претходно во неколку наврати ги сакам сите спортови. Во животот ме води тоа што е тешко да го направам. Кога знам нешто дека ќе ме уништи и предизвик кој ќе ме натера да видам колкави ми се лимитите јас го прифаќам без да размислам. Следна цел ми е да се пријавам на „Треил трка“ и да видам како ќе се покажам. Одам често на Водно и трчам додека го искачувам, па затоа си давам како цел во најблиска иднина да ја истрчам и својата прва „Треил трка“. Исто така сакам да возам и велосипед. Многу возам и сега кај и да е отворам нова сезона. Сакам да возам дистанци. Најдолга километража ми е 230 километри до тиквешко езеро. Навистина беше напорно, а најинтересното е што следниот ден имав челинџ на Шара 30 километри со елевација од негде 1000 метри на кој морав да го „предадам“ мојот тим бидејќи телото едноставно не ми издржа.

 

Се вчитува...