ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – КИРИЛ ГОГОВ: Брегалница не застанува тука…, сега целта е Европа!

Фудбалски Штип долги години го чекаше својот вистински фудбалски татко. Здивнаа фановите на Брегалница некаде во јули 2019 година кога и официјално беше обелоденето дека еден од најистакнатите македонски стопанственици и докажан спортски мецена, Кирил Гогов, ја презема штипската спортска гордост.

И, личноста која го доби признанието на ФФМ за најдобар фудбалски работник на 2018 година, во помалку од две години отворено покажа зошто беше цврстата определба на Општина Штип, на сите спортски работници од градот и на најверните навивачи, токму Кирил Гогов да биде на чело на ФК Брегалница.

Денес, еден од најстарите македонски фудбалски колективи повторно е во Првата лига. Па, токму тоа е причината и за разговорот со ЕКИПА.МК, во кој Гогов отворено зборува за сите идни амбиции на клубот, за 100-годишниот јубилеј, за определбата за инвестирање во спортот, за желбата ФК Брегалница наскоро да ја однесе и на европската сцена!
===================================================================================================

Тоа што го најавивте пред помалку од две години кога ги презедовте „сините“ реализирано во експресен рок. Брегалница, по четири години чекање, повторно е во Првата лига.

„Задоволство е што тоа што беше наша прва посакувана цел при преземањето на клубот – враќањето во Првата лига, е реализирано. Сигурен сум дека и минатата сезона ќе обезбедевме место во елитата, но пандемијата не спречи во намерите. Сепак, како што велат, фудбалот не се игра од денес за утре, само за една година, па трпеливо чекор по чекор повторно сме таму каде што заслужуваме“ – го почнува разговорот Гогов, не криејќи го задоволството од начинот на кој неговиот клуб оваа сезона доминираше на домашната фудбалска сцена.

Брегалница е единствената екипа од трите најсилни домашни лиги, Првата и двете второлигашки конкуренции, која без пораз ја заврши сезоната.

„Секако, гордост е за секој тим кога ќе се запише и еден таков резултат кој останува за аналите на клубот. Сето тоа треба да биде само еден мотив плус за идното функционирање на клубот, можеби и дополнителен предизвик и за секој еден член на клубот, од фудбалерите па се до стручниот штаб, да се продолжи по тој пат“.

АНГАЖМАН НА СЕДУМ-ОСУМ КВАЛИТЕТНИ ЗАСИЛУВАЊА ОД ДОМАШНАТА СЦЕНА И ОД СТРАНСТВО!

Сепак, сосема е јасно дека Првата лига ќе биде повеќе од сериозен предизвик за Брегалница која во минатото некако не успевале долго да се задржи во елитата.

„Пред нас сега е далеку посериозна работа, затоа што Брегалница нема и не смее да биде задоволна само со тоа што ќе биде дел од Првата лига. Напротив, сега останува пред стручниот штаб и спортскиот дел од раководството на тимот да се направат детални анализи за сезоната која е зад нас, па со прецизен план да се утврдат приоритетите, целите и амбициите за прволигашкиот настап. Мора да нагласам дека ние веќе имаме првична слика за потенцијалот со кој располагаме. Добро е познато дека Брегалница е тим со можеби еден од најмладите состави во македонскиот фудбал воопшто. Согласно нашите стратешки планови, темелите се на младите талентирани фудбалери како насока и за континуирана поддршка за развој. Секако, наша цел сега ќе биде Брегалница да нема само епизодна улога во Првата лига. Туку, напротив. Желбата е да изградиме стабилен, силен колектив кој ќе игра значајна прволигашка улога. Во таа насока е определбата тимот да се засили со седум-осум искусни квалитетни фудбалери од домашната сцена и од странство, па преку спојот искуство и младост да се дојде до новите зацртани цели“.

Кирил Гогов е можеби еден од ретките во домашниот спорт кој вистински темелно, на долги рокови инвестира во македонскиот фудбал како определба и за максимален развој на фудбалската игра во регионот. Постави нормативи во македонскиот фудбал кои малку кој ги следи во нашиот спорт.

„Уште кога ја презедов Брегалница пред помалку од две години, основниот мој концепт беше дека ‘куќа без темели не бидува’. Токму поради тоа веднаш подготвивме стратешки план што во суштина сакаме од клубот и каде истиот треба да биде на краткорочен и на долгорочен план. Затоа што, ќе повторам, не сме тука од денес за утре. Мојата нескриена цел е да создадеме клуб кој ќе биде гордост на Македонија од широк аспект и кој ќе биде повеќе од самоодржувачки проект без да зависи од финансиските средства на еден поединец. Затоа, покрај резултатските цели и безусловната цел за влез во Прва лига, вложувањето во играчкиот кадар, вложувањето во младинските категории, паралелно инвестиравме и во инфраструктурата на клубот. Мислам дека сега инфраструктурно навистина сме еден од ретките клубови во Македонија, со три игралишта со природна трева и едно со вештачка трева кои се на располагање како на првиот тим така и на младите категории како би се создале услови за развој на екипата. Комплетно се реновирани соблекувалните и официјалните простории на клубот, со посебен сместувачки апартмански капацитет за фудбалерите во склоп на Градскиот стадион. Сето тоа, се разбира, не само во функција на клубот но за развој на фудбалот во целиот регион“.

ИЗГРАДБА И НА ИСТОЧНАТА ТРИБИНА НА ГРАДСКИОТ СТАДИОН ЗА ШТИП ДА ДОБИЕ ФУДБАЛСКИ ХРАМ КАКОВ ДОЛИКУВА НА ЦЕНТАРОТ НА ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА

Во моментов тече изградбата на Западната трибина и комплетна реконструкција на Градскиот стадион во Штип кој во иднина треба да биде и дом на македонските репрезентативни селекции, но и домаќин на идните европски натпревари на Брегалница. Зошто да не?

„Посебно сум горд на тоа што на моја иницијатива, а поддржано од Фудбалската федерација на Македонија преку Хет-трик програмата на УЕФА и општина Штип, се впуштивме во заеднички проект за изградба на комплетно нова западна трибина. Се гради согласно сите највисоки европски стандарди, а како дополнение на теренот и службените простории, како би можело во иднина да бидеме домаќини и на европски и репрезентативни натпревари. Пресреќен сум што фудбалот во Штип, по 100 години од формирањето на Брегалница, влегува во една нова ера со силен мотив и да не застане само на овие успеси туку од следната сезона да се бори, за првпат во својата историја, и за излез во Европа“.

Веќе е познато дека постои и готов проект и за Источната трибина. Се планираше паралелна изградба на двете трибини. Кога ќе почне изградбата и на втората трибина?

„Општина Штип го има веќе готовиот проект за Источната трибина. Сега слушам дека се бара стратешки инвеститор. Основната цел и идеја беше паралелно да се градат двете трибини, па искрено се надевам дека за брзо време ќе се стартува и со втората трибина со што наскоро и Брегалница и Штип ќе добијат вистински фудбалски храм за гордост, онаков каков што доликува на центарот на Источна Македонија“.

РЕВИЈАЛЕН НАТПРЕВАР СО СПЛИТСКИ ХАЈДУК ЗА ЈУБИЛЕЈОТ „100 ГОДИНИ – ФК БРЕГАЛНИЦА“

Брегалница токму во годината кога слави 100 години од своето формирање го обезбеди прволигашкиот кам-бек.

„Малку пандемијата ни ги измести плановите околу одбележувањето на јубилејот ‘100 години – ФК Брегалница’. Но, оваа година е наша година. Искрено се надевам дека со олабавувањето на мерките и дозволата навивачите да се вратат на трибините ќе се создадат вистински услови за еден спектакл во Штип. Наша желба е јубилејот да се одбележи со ревијален натпревар со сплитски Хајдук. Знаеме дека Штип и Сплит се побратимени градови, па искрено се надевам ако пандемиските услови бидат навистина поволни ќе им понудиме на сите љубители на фудбалот во Македонија натпревар за уживање“ – вели Кирил Гогов.

Се вчитува...