ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ВАЛЕНТИНА РАДУЛОВИЌ: Репрезентацијата е мојата болна тема… Јуле Николиќ беше жена со „лавовско срце“

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Најдоброто крило во историјата на македонскиот ракомет, Валентина Радуловиќ отворено за ЕКИПА.МК говореше за одлуката на 46 години да се врати на терените. Радуловиќ говореше и за времето поминато во Кометал Ѓорче Петров, но и трансферот во Хипо кој во тие години беше најголемиот ривал на „македонската гордост“. Се навративме и за настапите за репрезентацијата на Македонија и седмото место на Светското првенство во 1997 година. 

Таа вели дека главна причина за враќање на ракометот е нејзиниот син Тео кој е како што вели „највредниот пехар во животот“. Радуловиќ говореше и за нејзиното пријателство со Јулијан Николиќ (Портјанко) велејќи дека ќе и недостига жената со „лавовско срце“.

Репрезентацијата и е болна тема за која не сака многу да говори, но ќе каже само дека сака Македонија повторно да ја види во самиот врв во европскиот и светски ракомет. 

==========================================================================================================================

МУ СЕ ВРАТИВ НА РАКОМЕТОТ ЗА ДА ИМ ПОМОГНАМ НА МЛАДИТЕ ДЕВОЈКИ ОД МОЈОТ КЛУБ!

Годинава на 46 години му се врати на ракометот. Која беше причината за ваквата одлука и какво е чувството да се дели теренот со девојки кои се многу помлади? 

Јас сум личност која не сака да губи. Уште кога играв професионално поразот влијаеше многу лошо врз моето расположение. Се затворав дома и не сакав никаква комуникација. Веројатно и тоа е една од причините поради која се вратив на терените за да им помогнам на моите девојки од ЖРК Шампион. Немам предрасуди дали се почетнички или млади, напротив мислам дека со моето активирање им помагам на сите да видат зошто се тренира, како се бори на терен, дека треба да имаш борбено срце за да ја оствариш целта.

Во Шампион работиш и како тренер. Колку се пронаоѓаш во оваа позиција и кои се целите на клубот во следниот период?

Работам заедно со Слободан Чивлачки со кого имам многу добра комуникација за се. Сака да работам како тренер, сакам успеси, а како тренер на ЖРК Шампион нормално сакам и пласман во Европа. Ние се уште сме млад клуб и затоа одиме чекор по чекор кон врвот.

ШТЕТА ШТО НЕ ОСВОИВ ЛШ СО КОМЕТАЛ ЃП!

Со Кометал Ѓорче Петров одигра неколку сезони во кои не успеа да ја освоиш титулата во ЛШ. Дали жалиш за тоа што не беше дел од тимот кој се радуваше на трофејот во елитното натпреварување, но и дали имаше притисок од македонската публика во периодот кога дресот на тимот од Ѓорче Петров го замени со тој на омразениот ривал Хипо? 

Кометал Ѓорче Петров е мојот прв клуб. Нормално дека сакав европска титула. Имав многу добри тренери во тој период и можам да кажам само ШТЕТА, што не успеавме додека бев таму да ја освоиме европската титула. Можеби немаше да заминам од Кометал да не се случеше едногодишната казна во Лигата на шампионите. Добив понуда од Турција за една година, а управата ми се налути зошто сакам да заминам. И покрај тоа што кажав дека ќе се вратам тие не го одобрија моето заминување. Тука се се смени. Кисељева замина во Хипо, а мене ми се јави Винко Кандија тогашниот тренер во Хипо да дојдам на проба. Веста им ја пренесов во клуб дека сакам да играм една година и да се вратам, но никој не сакаше да разговара со мене. Јас заминав, а искрено притисок никогаш не почувствував од македонската јавност затоа што се уште играв за репрезентацијата на Македонија и секогаш добивав овации од публиката.

Следуваше Шлагелсе со кој го достигна и врвот во кариерата. Од денешна гледна точка колку значат за тебе тие две титули и како беше да се биде дел од т.н. „ол стар“ тим составен од легенди како Камила Андерсен, Бојана Поповиќ, Осра Фридрикаш…? 

По три години во Хипо, заминав во Шлагелсе. Тоа беше тим составен од најдобрите ракометарки и веднаш го доби прекарот „дрим-тим“. Две години играв и успеавме да освоиме две титули. Чувството е прекрасно и не може да се опише. Пресреќна сум што успеав двапати да се искачам на врвот на Европа.

ИМАВМЕ КВАЛИТЕТ ЗА МЕДАЛ НА СП 1997, НО…

Беше дел од сите големи успеси на ракометната репрезентација на Македонија. Има ли нешто за што жалиш од репрезентативната кариера и дали новата женска репрезентација има квалитет да ја врати репрезентацијата во врвот на Европа?

Прво наше големо натпреварување беше во 1997 година, Светското првенство во Германија. Ја совладавме големата Данска во групата и со тоа ја поминавме првата фаза. Ни следеше натпреварот со Романија кој беше за се или ништо. Неизвесен натпревар во кој ние на крајот славевме. Морам да кажам дека на тој шампионат имавме квалитет за медал, но следниот натпревар ни беше со домаќинот Германија. Знаета како оди тоа и на крајот шампионатот го завршивме како седмопласирани. Репрезентацијата е болна тема за мене. Ќе кажам само накратко дека „Сакам Македонија повторно да се врати во врвот на женскиот ракомет. 

ЈУЛЕ НИКОЛИЌ БЕШЕ „ЖЕНА СО ЛАВОВСКО СРЦЕ“!

Ја делеше клупата на Ѓорче Петров со Јулијана Николиќ која неодамна почина. Која е првата асоцијација кога ќе се спомене нејзиното име и имаш ли некоја анегдота од периодот кога игравте заедно? 

Кога ќе се спомене Јуле секогаш велам: „Тоа беше жена со „лавовско срце“. Премногу ми е тешко да говорам за оваа тема и само ќе кажам дека сакам 2021 година што е можно побрзо да заврши. Јуле и внук ми Алек засекогаш ќе ми недостигаат.

Во неколку наврати имаш напоменето дека се врати на терените поради синот. Дали го има талентот на мајка му и сонува ли еден ден да заигра во еден од најдобрите клубови во Европа? 

Мојот син е мојот највреден пехар во животот. Кога го добив Тео кажав дека е време за повлекување и дека сега сакам да бидам само мајка. Не сакав повеќе да се вратам во ракометот. Но, се случи чудо. Тео како растеше главни играчки му беа топките. Видов дека е левак и поради него се вратив. Го носев со мене во сала и навистина има голем талент. Секогаш кога разговараме за ракометот ми вика „Мамо јас ќе бидам најдобар ракометар“. Секогаш ќе ја има мојата поддршка. Времето со мојот син и мојата фамилија е тоа што ме опушта.

Се вчитува...