ЕКИПА ИЗБОР – Топ 5 спортисти кои ја одбележаа пандемиската година!

Изминатава година ја одбележа пандемијата предизвикана од КОВИД-19 која го вклучи црвениот аларм и во светот на спортот. Бројните откажани натпревари, турнири и првенства од спортската сцена, предизвикаа „шок“ и тага не само за спортистите, но и за комплетната јавност ширум планетава. Сепак, спортот повторно ја покажа својата борба, издржливост и желба за победа.

ЕКИПА ги издвојува петте спортисти кои, без сомнение, ја одбележаа 2020 година.

1.Луис Хамилтон стана најдобриот возач на сите времиња

Луис Хамилтон е еден од оние кои ја одбележа оваа 2020 година, откако во Истанбул, застана на тронот и стана старо-новиот светски првак во Формула 1. Тој со оваа титула се издвои како најдобриот возач на сите времиња. Ова е негова седма титула, па сега се израмни со легендарниот Михаел Шумахер. Британецот првата титула ја освои во 2008 година, а шест години подоцна започна неговата доминација како возач на Мерцедес. Луис беше шампион во 2014, 2015, 2017, 2018, 2019 и сега во 2020 година.

2. Роналдо и Меси во сенка на Левандовски – Роберт руши рекорди

Од зелениот терен, убедливо најдобар е полскиот репрезентативец, Роберт Левандовски. Ова го потврдија и гласовите од изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), а титулата најдобар фудбалер за 2020 само ја запечати неговата „круна“ за најдобар играч без никаква конкуренција. „Бомбардерот“ на Баерн Минхен, блескаше во дресот на „Баварците“ во сезоната 2019/20, кои обезбедија тројна круна, освојувајќи ја Бундеслигата, германскиот Куп, а во август и УЕФА Лигата на шампионите.

3. Леброн Џејмс остана „крал“ – Освоен шампионскиот прстен

Кошарката ја одбележа Леброн Џејмс. „Кралот“ заедно со ЛА Лејкерс, успеаја да го освојат шампионскиот прстен. Леброн го понесе и признанието за најкорисен играч во финалето на НБА-лигата, искачувајќи се на третото место на вечната листа на најдобри поентери во НБА лигата. Сега Џејмс е и пред легендарниот Коби Брајант. Леброн успеа да постигне вкупно 33,655 во кариерата, а Коби Брајант кој досега го држеше третото место, имаше 33,643 поени.

4. Осака во успешна мисија, со титула до борба против расната неправда

Јапонската тенисерка, Наоми Осака, остави најголем белег во „белиот спорт“. Наоми ја освои титулата од „УС Опен“, за трета Грандслем титула во својата кариера, иако претходно се закани дека ќе се повлече од турнирот ако не и биде дозволено да протестира за расната неправда и полициската бруталност во САД. Осака, чиј татко е од Хаити, а мајка е Јапонка, поголемиот дел од животот го помина токму во САД, па потенцираше дека е посебно мотивирана да дојде до титула, а истата да ја посвети на расната неправда во светот.

5. Хероина на годината – Нора Мерк

Од ракометот се издвојува вистинскиот херој со лавовско срце, Нора Мерк, која по низата повреди и операции оваа година, се врати на големата сцена и беше дел од репрезентацијата на Норвешка со која дојде до тронот, освојувајќи го Европското ракометно првенство во Данска. Нора Мeрк, ракометарка на ЦСМ Букурешт, годинава подлегна на десетта операција на коленото. Операциите и периодот на закрепнување оставија голем траг на нејзината кариера, поради што пропушти пет првенства. Во својата кариера, Мерк освои бронза на Олимписките игри во 2016 година во Бразил, злато на Светското првенство во 2015 година во Данска и сребро на Светското првенство 2017 година во Германија. Таа исто така е носител на три златни медали за Европското првенство во 2010, 2014 и 2016 година. Норвешката хероина четири пати ја освои и Лигата на шампионите.

Се вчитува...