„Ел класико“ во Купот: МЗТ Скопје против Работнички за пехарот

МЗТ Скопје закажа дерби средба со големиот ривал Работнички, откако ја совлада Блокотехна со резултат од 89-78, во второто полуфинале од Купот на Македонија. Актуелниот македонски шампион конечно слави триумф над екипата предводена од Марјан Илиевски, по двата претрпени порази во домашното првенство, во спектакуларниот натпревар одигран во сала „Јасмин“.

Фантастично отворање на средбата во кое Блокотена го направи го направи првиот чекор за сопствена иницијатива. По стартните пет минути гевгеличани поведоа со 15-10, благодарение на расположениот Мијатовиќ кој реализираше три тројки од исто толку обиди, но со иста мера вратија и „металци“ преку Стојановски, Спасојевиќ и Соколов. МЗТ се соочуваше со проблеми при пренесувањето на топката, но и со додавањата, па Лујакиќ мораше да повика тајм-аут и да ги смири страстите на своите играчи, кои во тие моменти пет пати загубија посед. Понесени од одличната атмосера во „Јасмин“, кошаркарите на Блокотехна забележаа значајна предност од +10 по првиот период, при резултат од 29-19.

Тимот од Аеродром се „стегна“ во дефанзивата, па така постепено ја „топеа“ предноста на Блокотехна, а веќе на три минути до паузата МЗТ конечно изедначи на 38-38 со тројка на Трајковски. Кошаркарот на „металци“ веќе во следниот напад донесе предност откако Ѓуроски го фаулираше, а Бојан погоди со дополнително слободно фрлање за 41-38. МЗТ на одмор замина со минимална предност од 45-43.

На почетокот од третиот дел плејмејкерот на македонскиот првак, Џордон Крофорд конечно профункционира откако беше незабележлив во првиот дел, реализираше седум поени во низа. Гевгеличани на другата страна прикажаа сосема различна слика во однос на првиот дел кога станува збор за шутот од далечина. Главното оружје не ги служеше, а МЗТ го искористи тоа освојувајќи го периодот со 24-19, додека севкупниот резултат беше во нивна корист(69-62).

Јасно беше дека Блокотехна ќе направи се за одново да го сврти мечот во своја корист, но наидоа на проблеми во нападот. Првите поени во решавачкиот период ги забележаа дури по три ипол минути игра. Но, веќе во следните неколку напади гевгеличани ја вратија неизвесноста по четирите последователни поени на Казарновски за резултат 75-73 на нешто повеќе од три минути до крајот на мечот. Но, Крофорд во клучните моменти сам ги реши гевгеличани со реализирани 10 поени во само неколку напади. Предноста од +9 на МЗТ беше недостижна за Блокотехна на 30 секунди до крајот.

Крофорд како најефикасен кошаркар се истакна од редовите на МЗТ Скопје реализирајќи 32 поени, со четири погодени тројки од пет обиди и при тоа забележа пет асистенции. Трајковски додаде 16, капитенот Стојановски 14 поени. Расположените Мијатовиќ и Двејн од тимот на Блокотена реализираа по 21, односно 20 поени.

 

 

Се вчитува...