„Ел Класико“ – војна на световите, но и на тактиките!

Кога се игра „Ел Класико“, не само во Шпанија, туку и во целиот свет, ништо друго не е важно. Епската битка на шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона го обзема светот, а традицијата, ривалитетот, квалитетот и спектакуларноста сами по себе говорат за фудбалот што ќе биде понуден. Во моментов, Реал Мадрид е на врвот на табелата и има три бода предност пред Барселона, но и еден одигран натпревар помалку. Доколку „кралевите“ победат вечерва на „Сантијаго Бернабеу“, тогаш Барселона и дефинитивно ќе биде исфрлена од битката за титулата. Каталонците го имаат императивот за триумф, но доаѓаат во домот на „кралот“.

„Ел Класико“ е војна на световите. Во Шпанија, но и буквално во целиот свет, сите се поделени…Или си „кралски фан“, или си за Барселона…Трето – нема!

Многу важна улога во овие мегадуели имаат и тренерите. Двата клуба со години негуваат различни стилови на игра. Барселона во последната деценија ја игра познатата „тики-така“, топката оди од нога до нога, за нив е многу важен поседот на топката, а секако главната фигура е Лионел Меси. Неговата фудбалска магија многу често знаела да биде кобна за Реал Мадрид, а сега е во трио со Нејмар и со Луис Суарез, и тие делуваат едноставно незапирливо. На ова „Ел Класико“, Нејмар нема право на настап.

FC Barcelona v Real Madrid CF - La Liga

Барселона многу почесто пробива низ средината, посебно кога Лионел Меси ќе се извлече на десната страна во средниот ред и оттука го планира текот на акцијата на својот тим. Речиси секогаш пробива кон средината, а потоа со некој луциден потег проигрува кон Суарез или упатува шут кон голот. Многу поопасна е Барса од левата страна каде Жорди Алба редовно доаѓа во завршница и упатува центаршут.

Проблемот на Луис Енрике и на Барселона е што Андрес Иниеста, кој оваа сезона го мачат и повреди, веќе ја нема помошта на Чави. Поседот се уште е силна страна на Барселона, но веќе ја нема онаа брзина и прецизност во нивните додавања. Како слаби карики се означени Иван Ракитиќ и посебно Андре Гомеш, кои едноставно не се играчи од таков калибар.

За разлика од Барселона, стратегијата на Реал Мадрид е многу поконкретна. Имаат фудбалери во средниот ред кои умеат да ја задржат топката, Тони Крос и Лука Модриќ, но тренерот Зинедин Зидан бара таа брзо да биде пренесена напред, пред противничкиот гол. Тука на сцена стапува триото Роналдо – Бензема – Бејл, со својата брзина, луцидност, но и конкретност. „Кралевите“ во просек на натпревар упатуваат 18 шутеви кон голот на противникот, дури три повеќе од Барселона. Нападите најчесто одат по страничните позиции, а потоа топката се упатува во средината, каде Бензема и Роналдо чекаат завршница.

benzema so barsa

Многу голема улога играат и фудбалерите од страничните бековски позиции, Марсело и Карвахал. Со нив Реал Мадрид добива на ширина во нападот, и силно ја притиска противничката одбрана. Тука се создава вишокот, кој потоа во продолжение од акцијата и носи шанса за гол.

Реал Мадрид е посилен и во воздушната игра. Серхио Рамос е кралот на прекините, и тоа сигурно е една од главните предности на тимот на Зинедин Зидан. За вакви дерби – мечеви, може да биде и клучен фактор. Барселона нема силни скокачи, освен Жерар Пике, а меѓу „кралевите“ одлични во играта со глава се и Герет Бејл, Кристијано Роналдо и Карим Бензема.

Но, затоа пак, Луис Суарез и Лионел Меси се мајстори за игра на мал простор, со брза и едноставна акција да ја затресат мрежата…

„Ел Класико“ е војна на световите, но и војна на тактиките!

Се вчитува...