Елмас и Наполи се супериорни во Италија – уште еден чекор поблиску до скудетото

Елиф Елмас и Наполи итаат кон шампионската титула во Калчо-лигата откако вечерва забележаа нова победа, на жешкиот гостински терен против Сасуоло со резултат 0-2. Спалети му даде шанса на Елмас од првата минута на овој натпревар, а македонскиот „дијамант“ му возврати со уште едно одлично издание во дресот на лидерот на Серија А.

Победникот беше решен уште во првото полувреме по две велемајстории на најдобрите фудбалери на Наполи, Кварасхелија и Осимен. Најпрвин блесна Грузиецот, постигнувајќи прекрасен гол откако прими една топка на половина терен, истрча повеќе од триесет метри пред да го матира голманот на Сасуоло.

На 0-2 зголеми Осимен, кој делуваше осамено против двајца домашни дефанзивци во шеснаесетникот, но маестрално се снајде и со удар крај првиот дирек ја смести топката во мрежата.

Наполи со вечерашната победа има огромни 18 бода предност во однос на второпласираниот Интер, кој утре ќе го игра својот меч од ова коло, на домашен терен против Удинезе.

Се вчитува...