Елмас: Македонија може да биде и прва во квалификациската група!

Пред Македонија е нов квалификациски циклус, а суперталентот Елиф Елмас е и супер-оптимист во пресрет на новиот предизвик на националниот тим. Фудбалерот на Фенербахче смета дека Македонија може да го освои и првото место во конкуренција на селекциите на Полска, Австрија, Словенија, Израел и на Летонија.

„Имаме квалитет, имаме одлична атмосфера, имаме и огромна желба да се докажеме и да победуваме на секој натпревар. Оваа Македонија може многу, и зошто да не, можеме и до првото место во квалификациската група. Тоа е група на израмнети селекции, секој дуел ќе биде тежок, но и решавачки за конечниот пласман. Најважно е дека ние веруваме во сопствените можности и ќе одиме да се надигруваме со сите. Сакаме да оствариме сонот и на сите претходни генерации, Македонија да се пласира на едно Европско првенство“, вели Елиф Елмас.

Летонците се првиот ривал, мечот се игра вечерва (20.45 часот) на арената „Филип Втори“, а голем јубилеј – 100 натпревари во националниот дрес, ќе слави капитенот Горан Пандев.

„Сакаме да му го честитаме јубилејот на најдобар можен начин, со победа. Горан Пандев е нашиот лидер, прекрасна личност, фантастичен фудбалер, за мене е исполнување на сонот да играм со него заедно во репрезентацијата. Летонија ја респектираме, но веруваме во сопствениот квалитет и одиме на триумф“, порачува играчот за врска, Елиф Елмас.

Македонскиот национален тим по ова патува за Љубљана, каде в недела ќе го игра вториот меч од квалификациите, против селекцијата на Словенија.

Се вчитува...