Елмас: Ова е голем меч… Ќе го одиграмe и за себе, и за тимот, и за Македонија!

Во очекување на најважниот натпревар во историјата на македонскиот фудбал, финалето од Лигата на нации против Грузија кое ја води Македонија на Европското првенство, фудбалерот на Наполи, Елиф Елмас потенцира дека сме подготвени да го оствариме најдобриот резултат во историјата на нашиот фудбал.

„Не очекува финале, еден натпревар и многу борба. Ќе биде тежок натпревар, влогот е голем, но за ова се подготвувавме и сите заедно ќе се обидеме да го дадеме својот максимум за да успееме. Ни треба концентрација и енергија во текот на сите 90. минути. Грузија исто така, има за цел да биде на Европското првенство, но треба да направиме работите на теренот да зависат од нас. Оптимист сум, ова е голем меч и ќе го одиграме и за себе и за тимот, но и за целата држава. Се надевам дека ќе успееме, ќе играме за пласман на Европско првенство“ – вели Елмас.

Македонската селекција денеска ќе го одработи последниот тренинг во Скопје, а утре со чартер лет од главниот град заминува во Грузија. Финалето од Лигата на нации се игра во четврток (12. ноември) со почеток од 18 часот на „Динамо арена“ во Тбилиси.

Се вчитува...