Емери: Судијата направи грешка, немаше пенал за Арсенал

Тренерот на Вилјареал, Унаи Емери, вели дека судијата Артур Соарес Дијаз згрешил кога покажал на белата точка и додели пенал за Арсенал, па дека не му е јасно зошто не се консултирал со ВАР.

Вилјареал водеше со 2-0 на првиот натпревар од полуфиналето во Лигата на Европа, но „Топџиите“ успеаја да го ублажат поразот преку Никола Пепе од пенал, на кој му претходеше фаул на Ману Тригерос.

„Има само една вистина – немаше пенал. Затоа многу нè боли. Ваквите одлуки се исклучително важни, затоа не разбирам зошто судијата не се консултирал со ВАР. Можеше да ја разгледа целата ситуација“, го изрази своето незадоволство Емери.

Сепак, „жолтата подморница“ има предност (2-1) пред реваншот следниот четврток на „Емирати“, каде Емери беше тренер година и пол.

„Кога поведовме со 2-0, Арсенал започна да врши притисок, но имавме шанса да стигнеме до друг гол. После тоа, игравме со играч повеќе, сепак, на крајот останавме со десет и тоа не вознемири. На крајот, победата е победа. Имаме шанса, но ќе мора да постигнеме гол и во Лондон“, додаде Шпанецот.

Манчестер Јунајтед и Рома играат во второто полуфинале. Првиот натпревар „ѓаволите“ го добија со 6-2 и речиси ја обезбедија борбата за трофејот.

Се вчитува...