Енди Мареј се повлече од Вимблдон

Британскиот тенисер Енди Мареј нема да учествува на гранслем турнирот Вимблдон. Тој одлучи да се повлече непосредно пред утрешниот старт на престижниот турнир во Лондон, затоа што не е доволно подготвен за настап. Тој смета дека неговото тело уште не е во можност да издржи максимални напори во пет сета на тревата на Вимблдон.

Мареј се врати на турнирот во Квинс минатиот месец, по пауза од речиси една година поради операција на колкот. Загуби од Ник Киргиос, а потоа учествуваше и во Истбурн, каде беше поразен од Кајл Едмунд.

Двојниот шампион на Вимблдон со тешко срце одлучил да го прескокне гранслем турнирот, а во првото коло требаше да ги одмери силите со Французинот Беноа Пер.

„Со тешко срце морам да објавам дека се повлекувам од годинашното издание на Вимблдон. Тоа е мојот омилен турнир, но откако ја разгледав целата ситуација со мојот тренерски тим и со лекарите, одлучив дека е најдобро да не учествувам. Мислам дека се уште не сум доволно подготвен за максимални напори и меч во пет сета. Ќе продолжам да тренирам напорно и се надевам дека брзо ќе ја достигнам оптималната форма“, изјави Енди Мареј.

Се вчитува...